Фото: Пиксабеј

Србија ќе стане регионален центар за ископ на стратешки суровини за ЕУ

ЕУ неделава објави 13 нови проекти за ископ на стратегиски (критични) суровини надвор од Унијата, заради зголемување на своите резерви на метали и минерали, кои се неопходни за одржување на конкурентноста во енергетската транзиција, како и во одбраната и авијацијата. Листата на ЕУ е дел од спроведувањето на Законот за критични суровини договорен во 2023 година, според кој, Унијата има цел да ископа 10 проценти, да рафинира 40 проценти и да рециклира 25 проценти од своите потреби до 2030 година. Имено, десет нови проекти ќе се фокусираат на материјали неопходни за батерии на електрични возила и за батерии за складирање, вклучувајќи литиум, кобалт, манган и графит. Два проекта за ретки метали се наоѓаат во Малави и Јужна Африка, а другите проекти се наоѓаат во Велика Британија, Канада, Гренланд, Казахстан, Мадагаскар, Норвешка, Украина, Замбија, Бразил и француската територија Нова Каледонија и што е значајно за регионот – едниот од крупните проекти е токму во Србија. Имено, српскиот проект ќе биде управуван од рударскиот гигант „Рио Тинто“. Тој би можел да произведе 90 проценти од потребите на Европа за литиум.

За потсетување, токму тој проект речиси беше стопиран откако Владата во Белград му ја одзеде лиценцата за рударство на „Рио Тинто“, во 2022 година. Но српскиот суд му ги врати правата на „Рио Тинто“ во 2024 година. Во новото соопштение од споменатата компанија се вели дека „со проценето производство од 58.000 тони литиум карбонат годишно, Србија има потенцијал да стане клучен играч во синџирот за снабдување со електрични возила“.

ЕУ процени дека проектите ќе бараат вкупна капитална инвестиција од 5,5 милијарди евра за да започнат. Тие ќе добијат координирана финансиска поддршка и интерес од клиентите од Европската комисија, земјите членки и од заемодавателите. Р.С.