Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел денеска изјави дека процесот за приклучување на Србија во Европската Унија ќе биде тежок доколку Белград не воведе санкции кон Русија.
Борел за телевизијата Н1 изјави дека „за процесот на пристапување во Европската Унија неопходно е усогласување со нејзината надворешна политика“.
– Во извештајот на Европската комисија, гледаме дека Србија, како и Турција, доцнат во однос на усогласувањето со надворешната политика на ЕУ. Падот на усогласеноста во комбинација со блиските односи со режимот на (рускиот претседател Владимир) Путин значи дека нема да имаме друг избор освен да препорачаме проценка на падот на усогласувањето во рамките на Поглавјето 31 – рече Борел.
Тој изјави и дека „нема рок“ до кој Србија треба да воведе санкции против Русија и додаде дека Белград „треба да ја следи надворешната политика на ЕУ“.
– Забележавме дека нивото на усогласеност на Србија со надворешната политика на ЕУ се намалува. Ние не сме онаму каде што би сакале да бидеме во нашите односи – потенцираше Борел.