Лидерот на ГЕРБ истакна дека нема да се занимава со проблемите што, како што рече, биле создадени во последните четири години
Лидерот на ГЕРБ ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, соопшти дека со олеснување ја повлекува својата кандидатура за премиер на Бугарија, јави БТА.
– Не сакам веќе да се занимавам со оваа разрушена држава. Категорично ја повлекувам кандидатурата. Чекаме премиер со еквидистанца. Ги добивме неопходните одговори и тие покажуваат дека во мене не гледаат добар лидер или премиер – изјави Борисов на прес-конференција, додавајќи дека веднаш ќе го врати мандатот кога ќе го добие.
Тој истакна дека нема да се занимава со проблемите што, како што рече, биле создадени во последните четири години.
– Говорат за премиер со политика на еквидистанца. Кажете го тоа име, јас сакам да се натпреварувам со него. Зошто не го ставија името на маса? Но никој не кажува кој е – нагласи Борисов.
Извршниот комитет на ГЕРБ завчера ја потврди претходно одлука дека ќе се одржат лидерски преговори само доколку се водат за формирање мнозинство и редовна влада.
– Партијата БСП-Обединета левица е отворена за дискусии околу сите можни опции за избор на претседател на бугарското Народно собрание – изјави Борислав Гуцанов по средбата со партиите Преродба и Морал, единство, чест (МЕЧ).
Радостин Василев од МЕЧ истакна дека е тешко да се формира анти-ГЕРБ и ДПС мнозинство поради различните интереси. Според него, земјата е во ваква ситуација поради ГЕРБ, која победува на избори и не може да најде мнозинство за свој претседавач, и поради ПП-ДБ, која не може ниту да најде дијалог кај себе. Р.С.