фото: Фејсбук

Лидерот на опозициската Демократска партија (ДП), Сали Бериша, најави формирање „широк фронт против нарко режимот на Еди Рама“.

Тој додаде дека опозицијата в петок ги повикува на состанок сите политички сили и влијателни фактори во албанското општество за да се „создаде широк фронт против нарко режимот на Еди Рама и да се преземат сите движења, протести, демонстрации, бунтови потребни за негово отстранување“.

– Ова е голем повик за Албанците да се кренат на бунт за да му го дадат на својот нарко диктатор истиот срамен крај што го имаше нарко диктаторот на Венецуела – рече Бериша на средба со новинарите во седиштето на партијата.

Тој уште порача дека ДП инсистира и ќе инсистира на техничка влада за да се подготви фер изборен процес и оти нема да предложи ниту едно име без да се постигне договор за техничка влада.

– Откако ќе се постигне договор за техничка влада, без сомнение ДП ќе продолжи понатаму или ќе ги презентира своите предлози заедно со другите политички сили – рече тој.

Бериша нагласи дека опозицијата без сомнение ќе има уште посилни и помасовни антивладини протести, не само во Тирана, туку низ целата земја, не исклучувајќи и штрајкови со глад.