Фото: „Нова Македонија“

Грција

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го отворил долгогодишното прашање за скулптурите од атинскиот Партенон за време на неговиот состанок со британскиот колега Кир Стармер во Лондон во вторникот, при што официјална Атина верува во можноста за враќање на историските артефакти што моментално се во Британскиот музеј, известуваат грчки и светски медиуми.
Во официјалната дискусија фокусирана на билатералните односи, вклучувајќи ги и економската соработка и миграциските предизвици, Мицотакис ја искористил можноста повторно да ја разгледа темата за враќање на скулптурите што биле изнесени од Грција од страна на лордот Елгин во почетокот на 19 век.
Посетата на Мицотакис, како што известува грчки „Катимерини“, потврди промена во ставот на британската влада по ова прашање, тврдејќи дека Стармер нагласил оти британската влада нема да го блокира договорот меѓу грчките власти и Британскиот музеј. Дискусиите меѓу грчкото министерство за надворешни работи и Џорџ Озборн, претседателот на Британскиот музеј, наводно се во „многу добра фаза“. Изворите сугерираат дека враќањето на скулптурите во Грција станува сѐ поизводливо, иако клучното прашање лежи во условите за нивното враќање.
Британскиот музеј се двоуми дали да се откаже од сопственоста, инсистирајќи на тоа дека скулптурите остануваат дел од колекцијата, дури и ако се изложени во Грција. Грчките власти, сепак, јасно ставија до знаење дека нема да ги прифатат скулптурите под статус на заем или сопственост, инсистирајќи на целосна реституција. Р.С.