Албанските опозициски пратеници, се судрија со обезбедувањето на влезот од собраниската зграда, откако не им беше дозволен влез на 24-те исклучени пратеници поради насилството од 30-ти минатиот месец.
Неколку часа пред пленарната седница објектот беше опколен со метална ограда, а потоа распореден голем број припадници на националната града, за да се спречи влез на исклучените пратеници, но дел од пратениците се обиделе насилно да влезат. Пратеникот Петрит Дода физички се судри со еден од гардистите, додека Фламур Нока и Бледион Налбати се обидоа да ја пробијат оградата.
Внатре во собраниската сала, социјалистите ја започнаа работата, а пратениците од опозицијата кои успеаја да влезат во салата, како Петрит Дода, Тритан Шеху и Албана Вокши, со столчиња ја блокираа говорицата.
Пратеничката Елда Хоти во салата фрли пиротехнички средства и шише со течност, но обезбедувањето успеа навреме да ја неутрализира состојбата.
Веднаш потоа претседателката на парламентот Елиса Спиропали ја исклучи од седницата Хоти и уште двајца нејзини сопартијци.
Поради мирисот на бензин во салата, како што рече Спиропали, седницата е прекината, со најава дека ќе продолжи. Поради безбедносни причини не беше дозволено присуство на медиумите.
По хаосот внатре и надвор од салата на Парламентот на Албанија, опозицијата го започна следниот протест пред градското собрание на општина Тирана, каде запалија гуми.
И тука не изостана судир со полицијата при обид опозицијата да го пробие полицискиот кордон, имаше неколку обраќања а насобраната толпа извикуваше „Велиај оди си“.
Нејзиниот протест е последователен на кој се бара оставка од градоначалникот Ерион Велиај, поради „злоупотребата на средства на граѓаните од страна на директорите на Општината преку компанија „5Д констракшн“, преку тендери.
Опозицијата го обвинува Велиај дека е „главен крадец на групата криминални структури кои дејствуваат во општина Тирана“, а кој според неа „организирал и режирал кражба на стотици милиони евра со измислените инценератори во главниот град“.
– Време за акција на соочување заб за заб, бидејќи за жал сите патишта се исцрпени во оваа нарковлада. Нека знае Ерион Велиај дека огнот ќе стигне и до неговата канцеларија, ќе си оди дома заедно со диктаторот-премиер, но нема да го пуштиме да си оди од Албанија. На овој крадец местото му е во затвор – рече меѓу другото во обраќањето Теди Блуши, генерален секретар на Партијата на слободата на Илир Мета и член на Советот на Општина Тирана.
Од пред општината протестантите заминаа пред парламентот, каде веднаш беше зголемено присуството на полициските службеници.
Пред објектот со бензин беше полеан транспарент на кој пишува „Рама мафија“ а пратеникот Сула си го запали сопственото сако. И пред општината и пред парламентот имаше судир со полицијата, при што опозицијата обвини дека еден од полицајците се обидел да посегне по оружјето што го носел, кон двајца пратеници.
Од полицијата соопштија дека полицајците кои биле задолжени за безбедноста, како и гардистите не биле вооружени.