Во Косово, каде што огромното мнозинство жители се со исламска вероисповед, преобратените од муслимани во христијани се надеваат дека ќе го оживеат предисламското минато, кое го сметаат за клучно за нивниот европски идентитет. Американскиот весник „Њујорк тајмс“ неодамна излезе со напис, во кој се осврна на процесот за преобраќање на муслиманите во католици во Косово
Истражување на „Њујорк тајмс“: Феноменот на преобраќање на косовските муслимани во католици
Католичкиот свештеник стои пред олтарот во црквата на врвот на ридот за време на масовното крштевање, десетици глави потопи во водата и исцрта крст со прстот на секое чело.
Потоа тој се радуваше за спасувањето на душите од христијанството во земја каде што огромното мнозинство луѓе се муслимани – како што беа и мажите, жените и децата што стоеја пред него.
Церемонијата беше една од многуте во последните месеци во Косово. На последниот попис, 93 проценти од населението се изјасниле како муслимани, а само 1,75 процент како римокатолици.
Мала група етнички албански христијански активисти, сите преобратени од исламот, ги повикуваат своите етнички роднини да ја гледаат црквата како израз на нивниот идентитет. Тие го нарекуваат тоа „Движење за враќање“, поттик за оживување на предисламското минато, кое го гледаат како сидро за Косово во Европа и пречка за ширење на религиозниот екстремизам од Блискиот Исток.
Додека Отоманската Империја не ги освоила денешно Косово и други области на Балканот во 14 век, донесувајќи го исламот со себе, етничките Албанци биле претежно католици. Под отоманска власт, која траела до 1912 година, поголемиот дел од населението на Косово се преобратило.
Со овој процес (преобраќање од христијанство во ислам), отец Фран Колај, свештеникот што ги извршил крштевањата надвор од селото Лапушник, рече дека етничките Албанци можат да го вратат својот оригинален идентитет.
Етничките Албанци, чии корени потекнуваат од античкиот народ наречен Илири, живеат првенствено во Албанија, земја на Јадранско Море. Но тие исто така сочинуваат големо мнозинство од населението во соседно Косово и повеќе од една четвртина од населението во Македонија.
Во црквата каде што се случиле крштевките, националните симболи се судираат со религиозната иконографија. Симболот на Албанија со двоглав орел ја краси камбанаријата, а исто така и преградата зад олтарот.
– Време е да се вратиме таму каде што ни е местото – со Христос – рече отец Фран Колај во едно интервју.
Во многу муслимански земји откажувањето од исламот може да донесе строги казни, понекогаш дури и смрт. Досега, церемониите на крштевање што се одржуваат во Косово не предизвикаа насилно спротивставување, иако имаше некои лути осуди на интернет. (Не е познато колку преобраќања се случиле досега.)
Но историчарите, кои се согласуваат дека христијанството било присутно во Косово долго пред Отоманската Империја да го донесе исламот, се прашуваат за намерата зад движењето.
– Од историска перспектива, она што го велат е вистина – рече Дурим Абдулаху, историчар на Универзитетот во Приштина. Но, додаде тој, „нивната логика би значела дека сите ние ќе станеме пагани“ затоа што луѓето што живееле на територијата на денешно Косово пред доаѓањето на христијанството биле неверници.
Како и многу други Косовци, Абдула рече дека верува оти Србија, која има претежно православно христијанско население, помогнала во поттикнувањето на движењето како начин за сеење поделба во Косово. Иако Србија долго време е обвинувана за поткопување на стабилноста на Косово, нема докази дека таа промовирала конверзии.
Археолозите во 2022 година открија остатоци од римска црква од шестиот век во близината на Приштина, а во 2023 година пронајдоа мозаик со натпис што укажува дека раните Албанци, или барем некој народ можеби поврзан со нив, биле христијани.
Сепак, Кристоф Годар, француски археолог што работи на локалитетот, рече дека е погрешно да се наметнуваат модерни концепти за нација и етничка припадност врз античките народи.
– Ова не е историја, туку модерна политика – рече тој.
Траги од далечното предисламско минато на Косово преживеале и кај мал број семејства што се држеле до римокатолицизмот, и покрај ризикот да бидат протерани од нивните муслимански соседи.
Марин Сопи, 67, пензиониран наставник по албански јазик, кој е крстен пред 16 години, вели дека неговото семејство со генерации било „затворено католичко“. Како дете, се сеќава тој, тој и неговото семејство го славеле Рамазан со муслимански пријатели, но тајно го славеле Божиќ дома.
– Дење бевме муслимани, а ноќе христијани – рече тој. Откако се изјаснил како христијанин, 36 члена на неговото пошироко семејство официјално го напуштиле исламот.
Исламот и христијанството во Косово во голема мера коегзистирале мирно – сè додека православните христијански војници и националистичките паравоени банди од Србија не почнале да палат џамии и да ги протеруваат муслиманите од нивните домови во 1990-тите.
Странските христијански мисионери се држеа на дистанца од кампањата за конвертирање во Косово. Но некои етнички Албанци што живеат во Западна Европа понудија поддршка, гледајќи го враќањето кон католицизмот како најголема надеж на Косово еден ден да се приклучи кон Европската Унија, претежно христијански блок.
Арбер Гаши, етнички Албанец што живее во Швајцарија, отпатува во Косово за да присуствува на церемонија на крштевање во црквата во Лапушник, која се наоѓа на местото на големата битка во 1998 година меѓу српските сили и Ослободителната војска на Косово.
Тој и другите активисти се загрижени дека финансирањето за изградба на џамии и други активности од Турција и земјите од Блискиот Исток како Катар и Саудиска Арабија, со нивните поконзервативни пристапи, ја загрозува традиционално мирната форма на исламот во Косово. Голем дел од овие пари се наменети за проекти за економски развој што не се поврзани со религијата.
Во центарот на Приштина има статуа во чест на Мајка Тереза, католичката калуѓерка и добитничка на Нобелова награда за мир од албанско потекло, а доминира голема римокатоличка катедрала изградена по војната со Србија. Но Турција моментално ја финансира изградбата на огромна нова џамија во близина, која ќе биде уште поголема.
Гаши, исто така, рече дека се плаши од враќање на исламскиот екстремизам, кој се појави во хаотичната прва деценија од независноста на Косово. Според некои процени, Косово обезбедило повеќе регрути за Исламската држава во Сирија од која било друга европска земја.
– Христијанството, од друга страна, би отворило пат кон Европа – рече тој.
Репресијата од страна на властите во последниве години го замолчи екстремизмот и го зајакна традиционално опуштениот став на Косово кон исламот. Улиците на Приштина се преполни со барови што нудат широк спектар на алкохол. Жените што носат шамии се исклучително ретки.
Гезим Ѓин Хајрулаху, 57, наставник што беше помеѓу неодамна крстените во Лапушник, рече дека ѝ се приклучил на Католичката црква „не заради самата религија“, туку заради „нашиот национален идентитет“ како етнички Албанци. Неговата сопруга, исто така, се преобратила.
Косовскиот премиер, Албин Курти, етнички Албанец, во интервју во Приштина, ја отфрли важноста на религијата за албанскиот идентитет.
– За нас, религиите доаѓаа и си одеа, но ние сè уште сме тука. За Албанците, во однос на идентитетот, религијата никогаш не била од примарно значење – рече тој.
Ова ги издвојува од другите народи во сега веќе непостојната, мултиетничка федерална држава Југославија, која се распадна за време на балканските војни во раните 1990-ти. Главните завојувани страни во раните фази од конфликтот зборуваа речиси ист јазик и изгледаа слично, но јасно се разликуваа едни од други по религија – Србите по православното христијанство, Хрватите по римокатолицизмот и Бошњаците по исламот.
Активистите во Движењето за враќање веруваат дека етничките Албанци треба да ја зацврстат својата национална верност и со религијата во форма на римокатолицизам.
Боик Бреца, поранешен муслиман активен во движењето, инсистираше дека Католичката црква не е странска интервенција, туку вистински израз на албанскиот идентитет и доказ дека Косово ѝ припаѓа на Европа.
Тој рече дека неговиот интерес за христијанството започнал кога Косово, заедно со Србија, сè уште било дел од Југославија. Бил испратен во затвор покрај брегот на Хрватска како политички затвореник. Многу од неговите созатвореници биле католици, се присетил тој, и помогнале во негувањето на она што сега го смета за своја вистинска вера и верувањето дека „сите наши предци биле католици“.
– За да бидеш вистински Албанец, мора да бидеш христијанин – рече тој.
Овој став е оспорен, вклучително и од страна на премиерот Курти.
Сегашниот отпор против исламот започна со состанок во октомври 2023 година во Дечани, бастион на националистичките чувства во близината на границата на Косово со Албанија. На собирот, на кој присуствуваа националистички интелектуалци и поранешни борци на Ослободителната војска на Косово, се разговараше за начините за промовирање на „албанизмот“ и беше одлучено дека христијанството ќе помогне, пишува американскиот весник.
– Од денес повеќе не сме муслимани – рекоа присутните, усвојувајќи го слоганот: „Да бидеме само Албанци“.
Состанокот доведе до формирање на она што првично беше наречено Движење за напуштање на исламската вера, провокативно име што оттогаш во голема мера се претвори во „Движењето за враќање“.
Од својата канцеларија во Приштина, украсена со макета на Мека, големиот муфтија на Косово, Наим Тернава, со вознемиреност и очај го гледаше Движењето за враќање. Притисокот муслиманите да се преобратат во христијанство, рече тој, ризикува нарушување на религиозната хармонија и го користат „странски агенти за ширење омраза кон исламот“.
Сотир Ристо