До целосниот влез во шенген-зоната, Република Хрватска ќе мора да ја добие поддршката од Франција и од Германија за да го смири бунтот на Словенија.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, во вторникот, ја коментираше убавата вест за почнување на процедурата за пристапување во шенгенскиот регион како „уште еден европски успех на Хрватска“. Но оптимизмот на Пленковиќ не го делат и медиумите во земјата, кои најавуваат дека претстои долг пат, особено затоа што е потребна и политичка одлука на сите земји-членки на Европската Унија за да може Хрватска реално да биде примена во шенген-зоната.
Главниот опонент за хрватскиот прием е Словенија. Нивниот премиер Марјан Шарец вешто избегнува да се изјасни дали неговата земја планира да го блокира соседот. Минатиот петок шест словенечки европратеници, со писмо до сегашните и новите членки на ЕУ, побараа за исполнувањето на условите на Хрватска за зачленување во шенген-групата да одлучува новата администрација на Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лејен.
Двајца пратеници од СДС на Јанес Јанша, кои се опозиција во словенечкиот парламент, не ставија потпис на писмото, но тоа е направено од внатрешнополитички причини. Јанес Јанша во 2008 година беше првиот премиер на Словенија што на Хрватска ѝ го оспори правото за отворање на преговарачките поглавја за влез во Унијата, и тоа поради нерешениот спор што го има со соседот за границата во Пиранскиот Залив.
Сега со блокирање на процесот за пристап во шенген-зоната се спротивставува партијата Левица, која е во пошироката владејачка коалиција во Словенија. На исти позиции се и од десничарската партија Змаго Јелинчиќ, но тие сакаат наместо Словенија, товарот со мигрантите да го преземе Хрватска како земја што треба да ги штити надворешните граници на ЕУ.
Официјална Љубљана смета дека Хрватска не ги задоволува ни техничките мерки за одржување на границите во шенгенскиот простор, поради пропусноста на источната граница, но посебен проблем претставува прашањето за владеење на правото во Хрватска, затоа што таа одбива да ја имплементира пресудата на Меѓународниот арбитражен суд за хрватско-словенечката граница.
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман изјави дека „не очекува дека ќе се случи словенечка блокада за Хрватска“.
Веќе две години немало никакви службени контакти со претставниците на двете влади, односно имало само спорадични средби на маргините на различни меѓународни собири.