Нема никаква објективна причина за да се измени или да се повлече Законот за слобода на вероисповед, е ставот на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
– Не сум слушнал никаков правен аргумент против законот, освен оној што го повторува Српската православна црква (СПЦ) „народот е на улиците“. Тоа на ниту еден начин нема да ја спречи државата да ја заврши својата работа, да усвојува и да спроведува закони што се целосно во согласност со Уставот и со меѓународни норми – изјави шефот на црногорската држава, а пренесе РТЦГ.
Советот на Европа објави нацрт на постмониторинг-извештајот за Црна Гора, во кој значаен дел му е посветен на Законот за слобода на вероисповед со акцент на тоа дека властите во Подгорица ја уверувале Венецијанската комисија дека преносот на имотите нема да влијае на употребата на имотите што ги користи верската заедница, туку дека овие одредби ќе се однесуваат само на културното наследство, пренесува „Спутник“.
Од СЕ истакнуваат дека не добиле јасно објаснување на концептот „културно наследство“ што властите го користеле за да го оправдаат можното враќање на имотот од Српската православна црква.
Главната препорака од СЕ, во чиј извештај имале увид од „Вијести“, е дека нема да биде завршен постмониторинг-дијалогот поради многу ограничениот напредок во клучните области како што се правосудството, борбата против корупцијата, довербата во изборниот процес и медиумите.