Турската војска на почетокот на октомври на северот од земјата почна со ново теренско тестирање на своите системи за воздушна одбрана „С-400“, купени од Русија. Оваа акција ги вознемири соседите, но и регионалните сили
И покрај американското противење, но и зовриените тензии во Медитеранот меѓу Атина и Анкара за спорното подрачје за истражување, турската војска на почетокот на овој месец во близината на Црно Море на северот од земјата почна со ново теренско тестирање на своите системи за воздушна одбрана „С-400“, купени од Русија. Како што објави авијацискиот блог „Фајтер џетс“, повикувајќи се на разузнавачки информации, тестирањето почнало во почетокот октомври, а треба да продолжи до крајот на месецот. Според објавата на блогот, Турција продолжила со тестирањето и покрај предупредувањата од Вашингтон дека активирањето на „С-400“ може да резултира во нови санкции против Анкара.
Во исто време, овие чести активности предизвика голема загриженост и неспокој во администрацијата на САД, што доведе до тоа министерот за надворешни работи Мајк Помпео двапати работно да го посети овој регион, и тоа Кипар на 12 септември, а малку подоцна Грција, на 27-29 септември. Оваа информација пред некој ден ја пренесе грчкиот весник „Катимерини“.
Од друга страна, балканската мрежа на Ал џезира пишува што всушност значат последните турски тестови на противвоздушниот систем „С-400“ и колку е тој опасен за соседите. Според медиумот, опсегот на радарот за откривање закани се движи од среден до долг и тој може да детектира и да следи авиони што доаѓаат и да насочува ракети кон цели во опсег и од 400 километри. Истовремено „С-400“ може да погодува цели на мала и голема надморска височина, како и да уништува ракети што патуваат со голема брзина. Ал џезира наведува дека рускиот систем за ПВО „С-400“ во исто време може да навлезе во комуникациските мрежи на НАТО и со тоа да добие вредни податоци за американските авиони „Ф-35“, каде што тие информации лесно би можеле да стигнат и до Русија и да направат сериозни проблеми во Алијансата. Поради ова, американскиот претседател Доналд Трамп неодамна се закани и со санкции кон Турција доколку почне да го користи системот „С-400“.
– Со „С-400“, Турција може да ги покрие цело Егејско Море и источниот Медитеран. Токму тоа беше и приговорот на Турција кога Кипар во минатото го купи „С-300“ на крајот на 1990-тите и обвини дека Кипар со овој систем може да доминира во воздушниот простор меѓу него и поголемиот дел од јужна Турција. Во таа насока и Грција мораше да го преземе системот и да го премести на островот Крит за да избегне воена акција против Република Кипар од страна на Анкара. Сепак, каде и да се распоредат „ батериите С-400“, тие ќе имаат дестабилизирачки ефект поради нивните можности – наведува Ал џезира.
Интересно е, како што пишува медиумот, тоа што сѐ уште не е јасно како би можела да реагира Русија доколку овој систем се користи против руски авиони, а тоа сценарио е можно во блиска иднина, бидејќи двете земји ги поддржуваат спротивставените страни во Сирија и Либија.
Од друга страна, официјална Анкара негативно гледа на сѐ потесната соработка меѓу САД и Кипар. Турското министерство за одбрана во изминатиот период издаде соопштение во кое се наведува дека потпишувањето на меморандумот меѓу Вашингтон и Никозија подразбира изградба на воен центар за обука на овој остров и не придонесува за смирување на тензиите и меѓусебната доверба во Источниот Медитеран. И покрај сѐ, официјална Анкара смета дека американскиот закон за санкции против Турција е непочитување на нејзините суверени одлуки, се наведува во повеќе соопштенија на Министерството за надворешни работи на Турција што беа објавени периодов. Турското министерство го повика американскиот Конгрес да заземе конструктивен став кон развојот на турско-американските односи за да не бидат „загрозени заедничките цели на двете земји“.