Српските банки одбиваат да ги примаат влоговите во швајцарски франци или тоа го прават со нула каматна стапка
Српските банки се соочуваат со „невообичаена“ појава и подолго време одбиваат да примаат штедни влогови во швајцарски франци, иако во исто време депозитите изразени во националната валута на Швајцарија постојано растат. „Политика“ го анализира овој проблем, со кој се соочуваат српските граѓани што сакаат да штедат во швајцарски франци. Весникот ја пренесува изјавата на нивната читателка Александра Д., која била непријатно изненадена кога по оставинската постапка и наследството во швајцарски франци сакала да ги депонира во некоја од белградските банки. Банкарските службеници ѝ одговориле дека не примаат заштеди во франци. Таа не можела да ги стави ни на девизна сметка.
Зоран Грубишиќ од Белградската банкарска академија вели дека зголемувањето на заштедите во франци потекнува од времето на последната светска економска криза, кога многу граѓани своите заштеди во евра ги конвертираа како влог во швајцарската валута. Оваа појава банките да ги одбиваат „швајцарците“ трае повеќе години, поради пониската либор-стапка за оваа валута, што претставува референтна камата според која банките ги позајмуваат на лондонскиот пазар. Таа стапка со години е во минус и моментално тримесечниот либор за швајцарскиот франк изнесува минус 0,72 отсто.
– Депозитите во оваа валута ги чуваме во странство, а тамошните банки на орочени влогови пресметуваат негативна камата. На орочени 10.000 швајцарски франци за еден месец губиме 72 евра – вели еден банкар.
Од друга страна, банките во Србија повеќе не одобруваат кредити во швајцарски франци и затоа не можат врз основа на пресметување на активна камата да ги покриваат каматите за овие штедни влогови.
Во Комерцијална банка одговориле дека од јануари 2016 година поради променливите услови на пазарот за да се намали кредитниот ризик престанале да отвораат девизни заштеди во швајцарски франци. Исто така, укината е можноста за орочување на девизните средства, која носеше годишна каматна стапка од еден отсто, но и за штедните влогови по видување. Од ова се изземени, само делумно, старите штедачи. Тие и натаму можат да штедат во швајцарски франци, по каматна стапка еднаква на нула или за 0,01 отсто годишно.
Зоран Грубишиќ вели дека за западните банки и за штедачите е нормално да плаќаат негативна камата на заштедите, односно да ѝ плаќаат на банката да им ги чува парите, но во Србија тоа сѐ уште е незамисливо.
– Нашите банки сѐ уште не им нудат на граѓаните негативна камата, затоа што тоа би било лош сигнал. Тие се подготвени да одат со нула камата, но не и во минус – објаснува Грубишиќ.