Од безбедносните служби од земјите на Западен Балкан, од минатото лето, биле доставени 250 известувања во базата на полицијата на ЕУ, со алармирање за осомничени странски терористи
Бројот на мигранти на балканската маршрута, која води од Турција и од Грција преку Југоисточна Европа, е значително зголемен, се наведува во одговорот на германската влада на пратеничко прашање за „актуелната хуманитарна и миграциско-политичка ситуација во балканските држави“. Лани во Македонија, која се наоѓа во првиот дел од балканската маршрута, се евидентирани 24.601 илегално преминување, во Србија 17.642, во Хрватска само 4.075, а во Словенија 15.450. Бројот значително опаѓа кога станува збор за Босна и Херцеговина, каде што се забележани само 6.039 илегални преминувања.
Изминативе неколку години како главен безбедносен предизвик за регионот, но и за Европската Унија беше посочено движењето на мигрантите и бегалците, кои транзитираат во помал или поголем интензитет низ териториите на државите од Западен Балкан. Ова ја наметна и потребата од изработка на заеднички план за зајакнување на капацитетите на граничната полиција на т.н. надворешни граници на ЕУ. Тоа подразбира обезбедување техничка и советодавна помош, обуки и преку континуираното присуство на полициски службеници од регионот и од земји од ЕУ, кои учествуваат во заеднички гранични операции на јужната граница и се справуваат со мигрантските предизвици. Заедничката соработка подразбира и размена на информации од разузнавачки и безбедносен карактер, што ќе овозможи навремено превенирање и спречување прилив на сомнителни лица, кои би можеле да бидат вклучени во терористички акции на територијата на Европа.
„ЕУ обсервер“ пренесува делови од доверливиот документ, до кој имал пристап, во кој се наведува дека тајните служби во барем една земја од Западен Балкан индиректно ја хранат базата на полицијата на ЕУ, со алармирање за осомничени странски терористи. Во текстот објавен на овој портал, пишува дека во секторот за антитероризам на чешката Националната агенција против организиран криминал е изработен документ од девет страници, во кој се споменува за 250 известувања од земји на Западен Балкан, за периодот од ланското лето. Преку Чешка овие предупредувања влегуваат во т.н. шенгенски информативен систем.
Во документот не се открива од која земја од Западен Балкан се испратени овие предупредувања. Не се открива и критериумот, врз основа на кои сознанија се направени овие предупредувања. Не е познато ни тоа дали Чешка одбила некои од овие информации како неверодостојни, пишува во текстот на „ЕУ обсервер“.
Корнелија Ернст, германска членка на Европскиот парламент, како претставничка Европската обединета левица/Нордиска зелена левица (ГУЕ/НГЛ), вели дека ваквите предупредувања може да претставуваат проблем, а последиците од нив да ги сносат невини луѓе.
– Не знаеме на што се базира оцената за тоа дали е нешто опасно. Врз основа на кој критериуми? На факти, претпоставки или гласини? – предупредува таа.
Безбедносната контрола на Балканот, кој важи како „пристапна зона“ за мигрантите на патот кон Европа е од стратегиска важност за ЕУ, која е целосно посветена на антитерористичките напори и политики, кои се спроведуваат во време кога се обновени разговорите со Албанија и со Македонија за проширување на европската заедница.
Во целина, во целата Европска Унија лани за имаше регистрирано три терористички напади, пет обиди и 17 плана за терористичко дејствување, наведува европскиот разгранок од Аналитичкиот центар за тероризам. Повеќето од нив се случиле во Франција, а преостанатите во Западен Балкан.
Но безбедносниот интерес на ЕУ за Западен Балкан не се ограничува само на шенгенскиот информативен систем. „ЕУ обсервер“ имал увид и во други доверливи документи, што потекнуваат од времето на претседавањето на Финска. Овој извештај се состои од 90 страници и во него се објаснува фактот дека „внатрешната и надворешната безбедност сѐ повеќе се испреплетуваат“. Во документите се наведува дека напорите за поголема безбедност биле зголемени од минатиот јули и се насочени кон третите земји.
Овие напори беа дискутирани од воени и правни експерти и од граничната полиција, од САД и од ЕУ заедно со Интерпол. Нивниот план беше како подобро да се собираат, споделуваат и користат информации, и како да се направи достапна базата на податоци на ЕУ, со што овие информации ќе им бидат достапни и на граничните служби.
За подобра организираност против тероризмот било разговарано и на министерскиот совет за безбедност и миграција, кој бил одржан во Виена во 2018 година. Со договор за заедничко дејствување со земјите од Западен Балкан се предвидува автоматска размена на податоци за ДНК, отпечатоци од прсти и регистарски таблички за возила. Европската полиција (Европол) се согласи да испрати свои агенти во Албанија, Босна и Херцеговина и во Србија.
Акцискиот план за Западен Балкан беше потпишан во октомври 2018 г. и обезбедува рамка за борба против тероризмот и спречување на насилниот екстремизам, а него го потпишаа Македонија и Албанија. Косово е третата земја од регионот, со која се потпишува ваков аранжман. Во Албанија првиот агент од Европол беше испратен во јуни лани, а се очекува Србија да го прими наскоро.
Од Балканот над 1.200 џихадисти
Вкупниот број борци на џихадистичката група Исламска држава, кои се со потекло од Западен Балкан, е поголем од 1.200, од кои 350 се од БиХ, се наведува во процените на босанските безбедносни служби.
Според документацијата, најмногу борци на ИД има од Косово – 403, потоа следува БиХ со 350, Албанија меѓу 180 и 200 и Mакедонија со 156 борци, објави порталот „Бањалука.нет“.
– Што значи враќањето на тие терористи на Балканот, што ќе значи и колку е тоа реален проблем, ќе се дознае многу брзо, откако повратниците ќе ги отслужат своите симболични казни за учество во борбите на страната на ИД и Ал каеда во Сирија и во Ирак, се додава во документацијата.
Покрај тоа, во документацијата уште се наведува и дека Западен Балкан има проблем поврзан со економската инфилтрација на Турција и Катар во Албанија, Македонија, Косово и БиХ, која ѝ користи на идеолошката инфилтрација поврзана со муслиманското братство, пишува порталот.