На опозицијата во Србија ѝ недостига личност што обединува, како што е новиот градоначалник на Истанбул, на чија победа се надеваа и веруваа противниците на турските власти од сите бои, пишува весникот „Ноје цирхер цајтунг“
Во градовите во Србија владее големо разочарување поради претседателот Александар Вучиќ, неговиот режим и недостигот од перспектива. Но хетерогениот опозициски сојуз не претставува алтернатива што може да биде и новото мнозинство во парламентот. Во Србија се најавува убедлива победа на владејачкиот табор, затоа што освен Српската напредна партија и нејзините партнери, речиси и нема друга партија што ќе учествува на изборите, пишува во анализата на весникот „Ноје цирхер цајтунг“.
– Изборите се напролет следната година, а многу опозициски партии уште од сега се закануваат со бојкот. Нивното образложение е дека нема предуслови за фер избори под автократскиот режим на Вучиќ – се забележува во текстот на реномираниот швајцарски весник.
На противниците на власта им пречи, пред сѐ, напластената медиумска моќ на актуелната власт.
– Сите национални телевизии и најголемите весници се наоѓаат во рацете на Вучиќ. Навистина, во земјата едвај постои критичко известување. Кога Вучиќ отвора нов автопат, сите медиумски куќи известуваат за тоа со часови. На претставниците на опозицијата речиси и да не им се отстапува дел од медиумскиот простор – пишува авторот на текстот Фолкер Пабст, новинар на НЦЦ.
Сепак, опцијата за бојкот наидува на критики кај независните набљудувачи. Извршниот директор на ЦеСИД, Бојан Клачар, вели дека успехот на бојкотот на изборите на крајот зависи од меѓународната реакција.
– Отсуството на правната држава на меѓународно ниво слабо се критикува. Посебно што со сѐ почестата употреба на поимот „стабилократија“ во Европската Унија им се дава приоритет на регионалната стабилност и на договорот меѓу Србија и Косово, а демократијата и правната држава се неважни. Брисел воздржано се изјаснува за состојбата во земјата. Бојкотот нема да го натера Брисел да се премисли. Наспроти тоа, известувачот за Србија во парламентот на ЕУ, Дејвид Меклистер, експлицитно предупреди на последиците од тој чекор – пишува „Ноје цирхер цајтунг“.
Во минатото нема примери на успешни бојкоти, а притоа се цитира коментарот на политичкиот аналитичар Милош Дамјановиќ, даден за БИРН, кој смета дека „во полуавторитарните режими, кои дозволуваат одреден политички натпревар, сеедно колку тој е нефер, изборите секогаш претставуваат најдобар начин да се дојде до промени“.
Дека можат да бидат успешни демократските сили на избиралиштата наспроти најтешките услови покажаа и изборите за градоначалник во Истанбул пред неколку месеци, иако притисокот на противниците на власта во Турција се неспоредливо поголеми отколку во Србија. Сепак, турската опозиција по скандалозното поништување на првото гласање ги отфрли повиците на бојкот на повтореното гласање. Наместо тоа, го искористи бесот на населението за да собере повеќе гласачи и на крајот да триумфира.
– Во српските градови владее големо незадоволство од Вучиќ, но хетерогениот опозициски сојуз не претставува алтернатива што може да формира мнозинство. Недостига личност што обединува, како што е новиот градоначалник на Истанбул, на чија победа се надеваа и веруваа противниците на турските власти од сите бои – пишува „Ноје цирхер цајтунг“.
Весникот дава заклучок и по повод протестите што се одржуваат секоја недела во главниот град на Србија и забележува дека на ова „граѓанско движење“ полека му се намалува силата. Со бојкотот на опозициските партии се свртува вниманието од сопствените слабости, а многумина мислат дека Вучиќ, веројатно, ќе извојува победа и под фер изборни услови.