По заедничката посета на претставниците на ЕУ и на САД на Приштина, од официјален Белград порачаа дека и Русија и Кина, како постојани членки на Советот за безбедност на ОН, на крајот ќе мора да се вклучат во решавањето на косовското прашање
Можно ли е вклучување на големите играчи во наоѓањето конечно решение за српско-косовскиот спор, за кој повеќе години се водат безуспешни билатерални преговори со посредство на Европската Унија? Оваа опција повторно добива медиумско внимание, по заедничката посета на Приштина од главните посредници на ЕУ и САД, Мирослав Лајчак и Метју Палмер. Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека главната причина за неговата посета на Косово е подготовка на состанокот на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ. Заменикот на американскиот помошник-државен секретар за европска и евроазиски прашања, Метју Палмер, вчера од Приштина изјави дека Вашингтон цврсто го поддржува дијалогот, во кој, како што рече, „САД не се страна, туку партнер што работи на главната цел на унапредување на европската и евроатлантската интеграција на Косово и Србија“.
Со посредство на Европската Унија, дијалогот меѓу Косово и Србија започна во 2011 година, за да се нормализираат односите меѓу двете страни. По долгогодишни разговори, проследени со повремени блокади од двете страни, Лајчак најави добра година за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и изрази надеж дека дијалогот ќе биде од корист за нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Дали ова значи и дека вклучувањето на Палмер е во насока на поактивно вклучување на САД во расплеткувањето на косовскиот јазол, ќе се знае по објавувањето на содржината на разговорите на првата средба меѓу Вучиќ и Курти во Брисел.
Претседателот на Народното собрание на Србија, Ивица Дачиќ, смета дека Русија и Кина како постојани членки на Советот за безбедност на крајот ќе мора да се вклучат во решавањето на косовското прашање. Изјавата на Дачиќ следува по најавата за можно вклучување на Американците со свој посредник во дијалогот меѓу Белград и Приштина.
– Има една општа инфлација на различни идеи кога станува збор за Косово и Метохија. Но останува една константа, а тоа е дека и натаму ќе се врши притисок на Србија и да прифати еднострано прогласување на независноста на Косово, преку т.н. формулација на меѓусебно признавање, што за нас е апсолутно неприфатливо. Веројатно ќе постојат разни идеи поврзани за разни преговарачи. Меѓутоа, дијалогот ќе продолжи во Брисел, но ако има некој напредок, мора да има и верификација во Советот на безбедност на ЕУ и од сите други земји што се вклучени во евентуалниот договор – изјави Дачиќ, кој вчера престојуваше во работна посета на Русија.
Покрај спротивставените ставови меѓу Белград и Приштина во наоѓањето компромисно решение за нивниот долгогодишен спор, политичките аналитичари го споменуваат немањето јасно изграден став на преговарачките страни. Радио Слободна Европа пишува и за поделеноста во политичките партии во Косово околу начинот на водењето на дијалогот со Белград. Теута Сахатчиу, членка на претседателството на Демократската лига на Косово, смета дека Косово треба да ги земе предвид резолуцијата за дијалог усвоена од косовското собрание минатата година и одлуката на Уставниот суд со која се прецизира дека Владата е надлежна за дијалогот со Србија. Сепак, од Демократската лига се бара заштита на територијалниот интегритет и зачувување на унитарниот карактер на Косово и уставниот поредок, како и поголема вклученост на САД во дијалогот со Србија.
Ахмет Исуфи, потпретседател на Сојузот за иднината на Косово, за РСЕ изјави дека партијата одлучила да го поддржи дијалогот со Србија, бидејќи тоа е важен процес, но тој забележува дека партијата давала и свои предлози за ова прашање. Вршителот на должноста претседател на Демократската партија на Косово, Енвер Хоџај, вели дека не одговорил на поканата на премиерот Курти бидејќи не било прецизирано за што ќе се разговара.
– Владата треба да има јасен став за прашањето на дијалогот, да има платформа, да ја знае целта на дијалогот и што очекува Владата од дијалогот. Без тоа, нема смисла да се сретнеме со Курти – рече Хоџај.
Според дипломатски извори во Брисел, заедничката посета на Лајчак и Палмер на Косово е да се испрати порака дека Соединетите Американски Држави и ЕУ тесно работат на дијалогот и дека имаат слични цели за регионот на Западен Балкан. За јуни е закажан дијалог меѓу делегациите, предводен од косовскиот премиер Албин Курти и од српскиот претседател Александар Вучиќ.