Полицијата во Подгорица, Црна Гора, заедно со припадниците на тамошната Специјална антитерористичка единица за време на претресот на една локација која како „сигурна куќа“ ја користат Марко, Милиќ и Новак Шаковиќ запленила пет луксузни возила, повеќе платежни картички, 12.800 евра и повеќе мобилни телефони.
Во соопштението на управата на полицијата стои:
– За време на претресот полицијата пронајде и заплени: повеќе платежни картички на различни банки, 12.800 евра без потврда за потекло на парите, повеќе мобилни телефони од марката „Блекбери“, повеќе СИМ картички, лаптоп и други електронски уреди за видео надзор. Исто така, запленети се повеќе возила, и тоа две блиндирани од марката „бмв“ и марката „ауди А6“, додека претходно на овие луѓе им е запленето блиндирано возило „ауди А8“. Запленети се и две возила од марката „воклксваген“, едното со моделот „голф 7“, а другото „тигуан“- истакнуваат од тамошната полиција.
Сите одземени предмети и ствари ќе бидат предмет на проверка и вештачење од страна на полицијата, со цел да се докажат кривични дела од најтежок вид, додека првремено одземениот имот ќе биде предмет на проверка на финансиската полиција во координација со надлежното обвинителство.
Кои се браќата Шаковиќ?
Браќата Шаковиќ долги години се споменуваат како лица од интерес на безбедносните органи во Црна Гора, но и на целиот Балкан, особено поради тоа што нивниот судир со конкурентските кланови се пренел и на српските улици.
Милиќ и Марко Шаковиќ се осудени за убиството на Мироје Баошиќ кој во 2005 година е убиен во заседа пред неговата куќа. Судирот меѓу Баошиќ и Шаковиќ датира и од многу претходно, а Баошиќ во 2004 година тешко го ранил Марко Шаковиќ кој тогаш имал само 19 години.
Милиќ Шаковиќ на 8 септември е тешко ранет пред локалот „Ауто Зета“. Тогаш е убиен неговиот познаник Иван Недовиќ кој всушност не бил склон на инциденти. Според информациите, Недовиќ се сметал за градско момче и човек кој не бил во судир со никого, а токму поради тоа постојат сомниенија дека Недовиќ бил невина жртва во тој напад, а главната мета бил токму Шаковиќ.
Извори блиски на истрагата тогаш известија дека Шаковиќ преживеал само поради тоа што неговиот брат го легнал врз него и така го заштитил. Автомобилот со кој биле нападнати браќата подоцна бил пронајден запален, како и пушката од која е пукано на нив.
Дали Милиќ е вмешан во убиството на Александар Станковиќ?
По Милиќ трагаше и белградската полиција поради сомнение дека во октомври минатата година учествувал во ликвидацијата на водачот на навивачите на српскиот фудбалски клуб Партизан, Александар Станковиќ, познат во јавноста како Сале Мутавиот.
Шаковиќ минатата година исто така бил под истрага откако полицијата во специјална преграда во неговото блиндирано возило пронашла два репетирани пиштоли со 15 куршуми. Меѓутоа, после сослушувањето тој бил пуштен на слобода, поради тоа што неговиот пријател признал дека спорното оружје му припаѓа нему.
Некои соработници на Александар Станковиќ за медиумите тогаш изјавија дека токму Сале Мутавиот бил поврзан со црногорската мафија и дека бил близок со кавачката група од градот Котор.
Убиството на Милош во кафуле во Подгорица
Големо внимание во јавноста предизвика и инцидентот кој се случи во едно кафуле во Подгорица, кога е убиен Милош Шаковиќ, а случајна жртва бил Радивоје Јовановиќ.
Тогаш, среде бел ден во градината на едно локално кафуле непознат напаѓач отворил оган на Шаковиќ. Поради безбедносната ситуација во Црна Гора, тогаш поднеле отставки директорот на полицијата и управата во Подгорица.
Инаку, браќата Милош и Милиќ биле припадници на спротиставени кланови, Милиќ на шкаљарскиот, а Милош на кавачкиот, а извори блиски на криминалните кругови твреле дека браќата веќе многу време не биле во добри односи.
Истиот извор тогаш информираше дека Милош Шаковиќ бил многу добри односи со Игор Божовиќ, еден од водачите на кавачкиот клан.