Договорот од Мала Преспа ќе го добие потребното мнозинство во грчкиот парламент, изјави премиерот на Грција, Алексис Ципрас, во интервју за грчката телевизија Алфа.
– Постои веројатност да не да помине? Ајде да се обложиме – одговори грчкиот премиер, на прашањето на новинарот во однос на тоа дали договорот ќе го добие потребното мнозинство за ратификација.
Ципрас објасни дека договорот е во корист на земјата и истакна дека доколку лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, би им дозволил на пратениците да гласаат, тогаш мнозинството би било уште поголемо.
– Договорот ќе помине поради една причина, затоа што и последниот граѓанин, ги почитувам чувствителноста, реакциите, несогласувањата, почнува да сфаќа дека и покрај тешкотиите и покрај проблемите, овој договор е во корист на земјата, ја надградува, ѝ дава динамика, а особено нашите сограѓани од Северна Грција, сфаќаат дека не може Македонија, Солун да стане економска престолнина на Балканот кога со грбот е свртена кон соседите – рече грчкиот премиер.