Грција ја враќа иницијативата на Балканот преку значајни акции за соработка со соседните земји и важниот договор со ПЈР Mакедонија во 2018 година, изјави денеска грчкиот премиер Алексис Ципрас, изразувајќи задоволство што официјално Скопје брзо ги спроведува процедурите за менување на Уставот согласно Преспанскиот договор. Ципрас изјавата ја даде после средбата со неговиот словенечки колега Борут пахор.
– Тоа значи дека вие (Словенија), како една од државите кои ја признаа нашата соседна земја под нејзиното сегашно, уставно име, отсега ќе ја признаете и ќе ја нарекувате „Северна Македонија“, што е многу важно за грчкиот народ, со оглед на тоа дека Македонија е голем географски регион во Грција и многу важен дел од античката грчка историја. Исто така, тоа целосно се признава со овој Договор, што ни дава чувство дека имаме избалансиран договор за двете страни, му порача Ципрас на Пахор.
Од своја страна, словенечкиот премиер му честиташе на Ципрас што постигнал договор со македонскиот премиер Зоран Заев.
– Сакам да Ви честитам и на личната храброст…Знам дека е многу тешко да се донесе таква одлука, изјави Пахор.
Тој потенцираше дека она што е договорено, мора да биде и имплементирано. Пахор потсети дека процесот не е завршен и оти претстојат уште обврски да бидат исполнети.
На денешната средба, Ципрас истакна и дека Балканот мора да престане да биде буре барут на Европа.
– Во минатото, на Балканот се раѓаа војни, а нашата визија мора да биде тоа дека Балканот треба да престане да биде буре барот на Европа и да стане регион кој дава нов моментум во име на единството на народите на Европа, истакна Ципрас по средбата со Пахор.
Тој потсети дека во последните години Грција се соочила со големи финансиски потешкотии, но дека конечно успеала да излезе од кризата благодарејќи на упорноста и жртвите кои ги поднесоа граѓани, а кои сега, според него, ги збираат плодовите од тоа.