Србија
Цената на електричната енергија за домаќинствата би требало да се зголеми, а помошта за социјално загрозените би била наменета само за лицата на кои им е најпотребна, изјави Јанез Копач, директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, на седницата во собранискиот одбор за економија, регионален развој, трговија, туризам и енергетика, на која беше претставен напредокот на Србија во имплементацијата на прописите во областа на енергетиката. Копач нагласи дека цените на електричната енергија во Србија за претпријатијата се блиску до оние во Европската Унија, но за домаќинствата се многу пониски, пренесе РТВ Нови Пазар.
– Некој мора да го плати тоа, а тоа е индустријата. На овој начин Србија и земјите во регионот, меѓу нив и Црна Гора, ја губат конкурентноста на своите претпријатија – вели Копач.
Во наредниот период, Србија мора постепено да почне и со пресметување на цената на јаглерод диоксидот во производството на струја.
– Србија пред пет години во сите енергетски сектори беше пред сите во регионот, но денеска таа заостанува зад некои земји. Црна Гора, Македонија, Албанија и Украина одеа побрзо во реформите, додека Србија остана на истото место. Како најголем проблем се споменуваат субвенциите за јаглен, кои не се дозволени, а кои се поголеми од субвенциите за обновливи извори на енергија – забележа Јанез Копач.
Србија не ја постигна задолжителната цел за уделот на енергијата од обновливи извори, според која таа требаше да учествува со 27 отсто во вкупната потрошувачка на струја. Моменталното ниво е од 21 отсто, но со новите измени во законот за обновливи извори на енергија се очекуваат нови инвестиции во оваа област. Целта е намалување на емисијата на сулфур диоксидот во земјата, која е на алармантно ниво и го загрозува здравјето на граѓаните.