Од почетокот на февруари, во Србија се вакцинирале околу 4.000 граѓани од соседните земји, но поради малиот број пријавени српски државјани за вакцинација, постои можност дел од набавените 14 милиони вакцини да биде наменет и за граѓани од соседните земји
Процесот на вакцинацијата на сите пријавени лица во Србија е кон крајот, но затоа три четвртини од граѓаните сѐ уште не одлучиле дали да ја примат вакцината против коронавирусот. Нашиот северен сосед е прв во регионот што почна со вакцинацијата на приоритетната категорија од населението (здравствените работници и старите лица) на 24 декември 2020 година. На повик за да ја примат првата доза чекаат околу 220 илјади, но нема забележителен интерес за пријавување кај другите граѓани. Затоа и српскиот претседател Александар Вучиќ, по минатонеделната седница на националниот совет за безбедност, ги повика граѓаните да се пријават за масовно вакцинирање. Поради ова, кај здравствените власти постои стравување дека нарачаните вакцини (во првата набавка околу 2,62 милиони дози и дополнителни 15 милиони вакцини) ќе останат неискористени. Тоа дава можност вакцината во Србија да ја примат и државјани на соседните земји, а некои од нив и веќе се пријавиле на сајтот што го отвори српското министерство за здравство. Според информациите што ги објави Радио Слободна Европа, повикувајќи се на извори од ресорното министерство, од почетокот на февруари годинава се вакцинирани околу четири илјади странски граѓани.
Една од нив е и Азра Латифиќ од Сараево, која на официјалната интернет-страница на српското министерство за здравство добила термин за вакцинирање на 10 март годинава во Белград. Таа се пријавила за вакцинација со нејзини пријатели откако не успеале да добијат вакцина во домовите за здравје во Босна и Херцеговина.
– Никој од нив нема државјанство на Србија, ниту адреса за престој. Бидејќи мојата држава не ми обезбеди вакцинација, се обидов да пронајдам друг начин да добијам вакцина и да се заштитам самата и моите блиски – вели Азра Латифиќ за РСЕ.
Поради влошувањето на епидемиолошката слика во Србија, вакцинацијата за странци била одложена и приоритет имаат српските државјани за добивање на првата доза. Првпат Азра конкурирала во февруари, но била одбиена затоа што не навела дека е српски државјанин. Повторно ја пополнила пријавата во која навела дека е државјанка на Србија. По 24 часа, добила електронска потврда и добила термин за вакцинација во март. За вакцинирањето граѓани од Хрватска со „српските“ вакцини пишуваа и медиумите во Хрватска, а меѓу нив беше споменувано и името на еден познат фудбалски тренер. Оваа можност ја искористиле и припадниците на српската заедница во Република Српска и од северниот дел од Косово. Од изјави на наши пријатели дознаваме дека и граѓани од Македонија се пријавувале за вакцинација во здравствените домови во Врање или во Лесковац.
– Имам двојно државјанство. Се пријавив да се вакцинирам со кинеската вакцина. Чекам да ме повикаат, но ме информираа дека приоритет имаат старите лица што живеат во Србија – ни изјави една жителка на Скопје.
Моменталната состојба со вакцинацијата во Србија е апсурдна, смета епидемиологот Зоран Радовановиќ.
– Ние сме единствена земја на светот каде што понудата за вакцини ја надминува побарувачката. Луѓето се двоумат за вакцинацијата. Ним не им е дадена соодветна информација. Во тек е инфодемија. Многумина велат не сум против, но ќе почекам, да видам како поминале претходно вакцинираните лица – вели Радовановиќ за „Дојче веле“.
Во Србија малку над милион луѓе ја примиле барем првата доза од вакцината, додека на листата на чекање има уште двесте илјади. Ова значи дека од околу 5,5 милиони полнолетни граѓани, само 25 отсто се пријавиле за имунизација. Стручњаците изразуваат сомневање дека ќе бидат искористени сите нарачани вакцини, затоа што ќе нема(ло) доволен број граѓани што се подготвени да ја примат вакцината против ковид-19, пишува ДВ.
Во Србија досега не се пријавиле ни оние 30 отсто од граѓаните, кои на претходните анкети изјавиле дека задолжително ќе се вакцинираат. Околу 38 отсто од испитаниците одговориле дека „ќе почекаат“, досега 27 отсто од граѓаните одбиваат да се вакцинираат. Од досегашната имунизација во Србија најслаб интерес има кај населението во руралните средини. Некои епидемиолози предлагаат да се воведат мобилни тимови за вакцинација, кои ќе одат во помалите места. Како опција се предлага и прогласување на задолжително вакцинирање, но неизвесно е како ќе биде прифатено тоа од политичката јавност во земјата, која е длабоко поделена во врска со процесот на вакцинацијата во Србија.