Бегалската криза низ еден поинаков агол
Земјите од Балканот, освен со зголемениот број мигранти и бегалци, се соочуваат и со проблемот за згрижување на децата, кои се и најголемите жртви од најновите миграциски процеси во светот. Многу деца бегалци се заглавени во прифатните центри во Турција, Грција и во други земји од Балканот, поради што се наметна потребата од нивно похумано згрижување. Хрватска изрази подготвеност да прифати дел од децата што престојуваат и живеат во нехумани услови во бегалските кампови на грчките острови. Голем број од децата, кои се сами и без придружба на родители, роднини или старатели, се наоѓаат во собирните центри во Грција, во кои последните денови се изложени на нов бран мигранти. За планот за извлекување на децата без придружба, било разговарано и на вонредниот состанок на министрите за внатрешни работи во Брисел, по барањето за помош од страна на Грција.
За разлика од задолжителните квоти, кои претходно беа утврдени заради згрижување на мигрантите, одлуката за бројот на децата бегалци што ќе ги згрижи ја донесува самостојно секоја земја-членка на Европската Унија. За да се избегне можноста од злоупотреба на статусот „дете без придружба“, односно за добивање азил на семејството, кое се претставува како старател, ќе бидат направени детални проверки на статусот на секое малолетно дете, особено на оние што ќе бидат префрлени во Европа.
Во Босна и Херцеговина се вратени 12 деца, кои во декември 2019 г. беа депортирани од сириските кампови Ал Хол и Рој, и сѐ уште немаат никакви документи, односно не се впишани во матичните книги на родените, со што во целост би биле остварени нивните права на социјална и здравствена нега и образование. Повеќето од децата се родени во Сирија, на територијата што беше контролирана од т.н. Исламска држава и за нив нема никакви податоци за раѓањето. Во согласност со Акцискиот план за превенција и борба против тероризмот во Федерацијата БиХ, со 11 деца на возраст од една до пет години и едно осумгодишно момче, се спроведува процесот на инклузија.
Со Законот за државјанство, се предвидува детето родено по стапување во сила на Уставот да стекне државјанство на БиХ доколку е родено во странство, ако еден од родителите бил државјанин на БиХ, под услов до 23-годишна возраст да поднесе пријава за да биде впишано во евиденција за државјанство. Од Министерството за безбедност на БиХ, кое раководи со процесот на депортација, за Радио Слободна Европа, изјавуваат дека за сите лица било утврдено дека се државјани на БиХ и биле направени сите претходни проверки на идентитетот.
– Ништо не може да се работи со децата, доколку тие не станат видливи. Нивните мајки се во процес на добивање идентификациски документи. Има пречка кај уписот на децата, но постои оптимизам дека тоа ќе биде надминато – вели Мирсада Потурковиќ од Центарот за социјална работа.
Според податоците на РСЕ, во Сирија во затворските кампови останале 82 државјани на БиХ, од нив повеќето се деца. По депортацијата на првата група повратници, седум мажи беа уапсени поради сомневањето дека учествувале во борбите во Сирија и во Ирак.
Стравот од мигрантите често ја става на тест хуманоста, но хуманитарката Ленче Здравкин од Велес одамна ја има надминато таквата дилема. Уште од почетокот на бегалската криза, во 2015 година, Ленче Здравкин се покажа како хуманитарка и борец за унапредување на човековите права. Таа постојано беше на јужната граница на Македонија, им помагаше на мигрантите, носејќи им храна, душеци, облека и други нешта што им беа потребни. И сега, кога е на повидок нов мигрантски бран кон ЕУ, по одлуката на Турција да не ги задржува бегалците од воените подрачја во Сирија (и други кризни жаришта во Азија), Ленче Здравкин изјави дека нејзиниот дом го отворила за мигранти, обезбедувајќи им услови за закрепнување на нивниот пат.
ЕК: Турција да ги оддалечи бегалците од границата
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, пред почетокот на вчерашните разговори со претседателот Реџеп Таип Ердоган во Брисел, истакна дека Турција мора да ги оддалечи бегалците и мигрантите од грчката граница. Таа додаде дека е потребно веднаш да се обезбедат право на азил, поддршка и за Турција и за Грција, и придвижување на луѓето – особено на малолетните лица што се заробени на грчките острови.
За вчера попладне беа предвидени средби во Брисел меѓу Ердоган и претседателите на Европскиот совет и на Комисијата, Шарл Мишел и Урсула фон дер Лејен.
ЕУ во неколку наврати ја повикуваше Турција да го почитува договорот за мигрантите потпишан во 2016 година и да запре нов бран бегалци, кои пристигнуваат непречено на надворешните граници на ЕУ преку Турција во последните неколку дена. Брисел ја предупреди Анкара да не ги користи мигрантите како „инструмент на притисок за дополнителна поддршка“ и нема да дозволи ЕУ да биде уценета.
Во пактот за бегалци, склучен во 2016 година, Турција се обврза да ги спречи бегалците што патуваат во Европа да го продолжат своето патување и достоинствено да ги прифати – на трошок на ЕУ. Турција веќе долго време го обвинува Брисел дека не ги исполнува своите ветувања.
Грчките медиуми вчера објавија дека во изминатите 24 часа, кај Еврос бил спречен нелегален влез во Грција на 1.646 мигранти и биле уапсени две лица.