Хрватска
Најголем пад на гости во Хрватска, од 80 отсто, има во изнајмувањето куќи и соби за одмор во приватниот сектор
Хрватска годинава бележи пад на туристите, а празните плажи и ресторани се видливи во сите поголеми туристички места. Една од причините за потфрлање на летната туристичка сезона е неоправданото покачување на цените за сместување, без да се понуди и повисок квалитет.
Според податоците на туристичката заедница Кварнер, намалувањето на посетителите во камповите со три ѕвездички изнесува девет отсто, додека камповите со четири и со пет ѕвезди бележат раст од 23 отсто. Изнајмувањето на собите од пониската категорија е намалено за 11 отсто, а апартманите од повисоката категорија бележат раст од 32 отсто.
Најголем пад има во изнајмувањето куќи за одмор со три ѕвезди и тоа за 80 отсто, а објектите со пет ѕвездички се во плус за 36 отсто.
Владата под притисок на туристичката бизнис-заедница и големите забелешки на странските гости дека Хрватска е прескапа дестинација, предложи намалување на стапката на ДДВ за угостителските услуги од 25 на 13 отсто. Ова е направено со намера земјата да има приближно еднаква позиција, како онаа на Италија, Шпанија, Португалија или Франција. Во овие земји услугите во рестораните и во кетеринг-сервисот имаат намалени стапки на ДДВ, но факт е дека Хрватска имаше и подобра туристичка посетеност и со повисоки даночни стапки.
„Нови лист“ направи споредба за тоа што ќе донесе намалената стапка на ДДВ, но забележува дека другите земји примениле и други даночни олеснувања, кои ќе можат да ги почувствуваат и граѓаните, а тоа се однесува на намалување на даночните зафаќања за поважните прехранбени производи.
Хрватите за храната плаќаат пониска стапка за ДДВ од 13 отсто (за леб, млеко, свежо месо, зеленчук и овошје). Во Италија за овие производи се плаќаат пониски даноци од четири до десет отсто. Шпанците за храната плаќаат ДДВ од четири и од десет отсто. Во Франција се применуваат четири стапки од 2,1 до 20 отсто.
Домашното население во туристичките конкурентни земји плаќаат пониски стапки од Хрватска, кои се однесуваат за услуги за поправки и санирање станови и куќи. Французите, во зависност од материјалот, применуваат даночни стапки од пет, десет и 20 отсто. Пониски стапки за ДДВ за услуги во градежништвото имаат и Италија, Шпанија и Португалија.
Намалувањето на данокот за туристички услуги им дава можност на хрватските хотелиери да ги намалат цените и да ги зголемат платите на вработените. Како што е познато, Хрватска се соочува со сериозен проблем со недостиг од домашни и сезонски работници, кои поради ниските плати заминуваат во други европски земји. Со ова се загрозува и хрватскиот туризам поради намалување на квалитетот на хотелските и угостителските услуги.
– Ова ни дава можност да можеме да конкурираме на пазарот и да бидеме одговорни кон работниците и да го добијат тоа што го заслужуваат за својата работа – изјави Ведран Јакимовиќ, претседател на здружението на угостители на Приморско-горанската жупанија.