Хрватска денеска спречи делегација на Војската на Србија да влезе во земјата. Од Министерството за одбрана на Србија за „Танјуг“ соопштиле дека делегацијата требало да присуствува на одбележување на денот на светите Јасеновачки новомаченици и дека била најавена.
На граничниот премин Батровци – Бајаково, делегацијата била запрена, задржана и претресена. Во багажот што го носеле имало службени униформи што, како што рекле од Министерството, е дозволено и е во склад со правилата на службата, но хрватските цариници рекле дека не можат да ги носат.
Членовите на делегацијата на српската војска биле спремни да ги остават униформите и да го продолжат патот, ако тоа била единствената причина за задржување, но цариниците им соопштиле дека тоа не е причината и дека денес тие нема да влезат во Хрватска, пишува „Танјуг“.
На делегацијата ѝ била издадена забрана за влез и била вратена во Србија.
Во документот како причина за забраната било назначено дека делегацијата немала соодветна документација со која би ја оправдале целта и условите за престој.