Доколку продолжат негативните трендови во хрватското градежништво, во блиска иднина се очекува во овој сектор најмногу работници да пристигнат од Индија или од некои африкански земји, односно од земјите на третиот свет, пишува „Слободна Далмација“. Моментално, на градилиштата во Хрватска има сѐ повеќе работници од странство, пред сѐ од соседните држави каде што платите се пониски во градежниот сектор, а тоа се работниците од Украина, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Сѐ повеќе се јавуваат и работници од Албанија и од Индија, за што се основани и посебни агенции за посредување при вработување и за привлекување работна сила во Република Хрватска. Една од компаниите што е принудена да вработува странски работници е „Високо Поткровје“ од Сплит, специјализирана за армирано-бетонски работи.
– Во Хрватска едноставно нема интерес за работа во градежништвото. Повеќето домашни градежници заминаа на работа во странство и се создаде празен простор, кој мораме да го пополнуваме од надвор за да ги завршиме договорените проекти – велат од оваа компанија.
Поради недостиг од квалификувани работници, хрватската влада за 2019 година предвиде квота за увоз на 17.800 работници во областа на градежништвото. Платата за добар и квалитетен работник во Хрватска, кој е ангажиран на полно работно време со дополнителна прекувремена работа, изнесува до 10 илјади куни (околу 1.300 евра).