Поради највисокиот ДДВ хрватските угостители имаат ограничен маневарски простор за формирање на цените
Летувањето во Хрватска годинава е поскапо од атрактивните места во другите медитерански земји, како што се Пахос на Кипар, Мармарис во Турција, Мајорка во Шпанија или бугарското летувалиште Сани Бич. Хрватскиот туризам ги има истите проблеми како и другите земји на Медитеранот, кои се соочуваат со падот на побарувачката во споредба со лани. Хрватска и Турција ги покачија цените на услугите, но турските хотелиери можат полесно да ги пополнат капацитетите за сместување, пишува во истражувањето на британскиот весник „Сан“, кое беше пренесено и од „Вечерњи лист“.
Хотелиерите од задарската ривиера ги објавија цените, кои се повисоки за 12 отсто, но најавите се дека ова поскапување на услугите ќе го следат и од елитните дестинации како Дубровник и другите помали места покрај Јадранската магистрала.
– Има зголемена заинтересираност за одмор во Турција. Секако дека може да се летува и во Хрватска и за помала сума од три илјади фунти, која е определена од британскиот весник. Но цените на хрватскиот брег се посебна приказна. Капучино чини 46 куни, хамбургер 165, сендвич 100 куни… такви се некои од високите цени во угостителските објекти на Јадранот – пишува „Вечерњи лист“.
Шефот на Хрватското туристичко здружение, Вељко Остојиќ, вели дека вистината за превисоките цени има повеќе лица.
– Иако ние со конкуренцијата не треба да се бориме со цените, туку со квалитетот, и тоа ни дозволува повисоки цени. Сепак не смее перцепцијата кај туристите да биде дека Хрватска е прескапа за летување. Треба да бидеме свесни дека имаме најголема стапка на ДДВ на Медитеранот и во вакви услови имаме ограничен маневарски простор за формирање на цените – вели директорот Остојиќ, во разговор за „Вечерњи лист“.