Бродоградилиштата во Хрватска, „Уљаник“, „3 Мај“ и „Трогир“, се наоѓаат во сериозни тешкотии. Поради големата финансиска помош од државата за оваа индустриска гранка, која не ги дава очекуваните резултати, сѐ повеќе преовладува мислењето дека оваа дејност треба да се затвори. Намерата на Владата е да се поттикнуваат сопствениците на јахти од соседството да се регистрираат во Хрватска, каде што ќе се извршуваат и ремонти, со што хрватските бродоградилишта ќе се сведат на одржување луксузни пловила, пишува „Нови лист“.

Поморството нуди голем потенцијал за економскиот развој, смета Маја Марковиќ Костелац, државна секретарка во Министерството за поморство.

– Сакаме да ги привлечеме големите јахти во хрватските регистри подолго да престојуваат во Хрватска, а со тоа ќе се отвора простор за нови работни места – вели таа.

Во Хрватска има 1.434 регистрирани брода. Со 22.000 активни поморци оваа земја е трета поморска нација во Европа.

Професорот на Економскиот факултет во Загреб, Љубо Јурчиќ, за „Експрес“, вели дека поради политичкиот и социјалниот притисок бродоградбата во Хрватска полека ќе згасне.

– Секогаш кога ќе се јавеше криза, државата даваше пари за покривање на загубите и со тоа се продолжуваше животот. Претходно тоа се случуваше на секои две години, па на шест месеци, а сега на секои три месеци. Ми се чини дека во Владата веќе размислуваат како да им се даде испратнина за вработените во бродоградилиштата. Не гледам дека постои сериозна стратегија за оваа дејност – вели Јурчиќ.

Поради неповолната финансиска состојба на бродоградилиштата, тој очекува, во наредните две или три години, да се случи „благо затворање“ на големата бродоградба во Хрватска.


Отворен центар за обука на хеликоптерски екипажи

Министрите за одбрана на четири членки на НАТО – Хрватска, Бугарија, Словенија и Унгарија, вчера во Брисел потпишаа меморандум за разбирање за воспоставување мултинационален центар во Задар за обука на хеликоптерски екипажи за извршување задачи на специјални воздушни сили.
– Со потпишувањето на меморандумот за меѓународен центар, кој ќе биде во прекрасниот хрватски град Задар, правиме важен чекор во развојот на заедничките одбранбени способности на сојузниците – рече потпретседателот на хрватската Влада и министер за одбрана Дамир Крстичевиќ, кој како претставник на земјата-домаќин на центарот им се обрати на присутните на свеченото потпишување на меморандумот.
Ова е прв меѓународен центар на НАТО во Хрватска.
Меморандумот е потпишан на маргините на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки, кој вчера и денеска се одржува во Брисел.