Во 2019 година, 6,6 отсто од граѓаните во Хрватска не можеле да си дозволат адекватно греење во најстудените месеци

Енергетското сиромаштво е еден од клучните проблеми во многу земји, а во Хрватска на овој вид сиромаштија се изложени околу една петтина од населението. Околу 18,3 отсто од граѓаните во 2019 година се изложени на ризикот од сиромаштија. Немоќноста на граѓаните да си обезбедат адекватно греење во најладните месеци во годината, како и доцнењето со плаќањето на наемнината за стан, за редовно намирување на сметките за комунални услуги, или за исплата на кредитите, се показатели за нивото на сиромаштија во Хрватска.
Енергетската сиромаштија, според Европската комисија, може да се дефинира како „состојба во која домаќинството или поединецот не е во можност да си дозволи основни енергетски услуги (греење, разладување, осветлување, мобилност и енергија), што е гаранција за пристоен начин на живот, е последица на ниските приходи, високите трошоци на енергијата и ниската енергетска ефикасност на овие домови“.
– Може да се каже дека енергетски сиромашни луѓе се тие што живеат во неадекватни услови или енергетски неефикасни станбени простори, а притоа плаќаат висока цена на енергија во услови на ниско ниво на приходи. Ефектите на енергетската сиромаштија може да имаат значајни последици по човековото здравје, благосостојбата, општествената вклученост и квалитетниот живот на граѓаните – вели Маја Крчум од Факултетот за поморство во Сплит, во разговор за „Слободна Далмација“.

Според податоците на ДЗС, лани во Хрватска 23,3 отсто од луѓето биле во ризик од сиромаштија или социјална исклученост. Стапката на ризик од сиромаштија не покажува колку луѓе навистина се во сиромаштија, туку колку од нив имаат приход под прагот на ризикот од сиромаштија. Најизложени се лицата од 65 или повеќе години, кои учествуваат со 30 отсто. Лани имало 6,6 отсто од граѓаните што живеат во домаќинства што не можат да си дозволат адекватно греење во најстудените месеци. Според извештајот на народниот правобранител, во 2019 година право на субвенција за трошоците на електрична енергија во висина од 200 куни имале 63.434 корисници, од нив 29.029 биле самци, а 34.413 се однесува на домаќинства.

– Борбата против енергетската сиромаштија првпат се споменува во законодавството на ЕУ во 2009 година. Според податоците на Евростат, 34 милиони Европејци во 2018 година не можеле да си обезбедат задоволително греење во домовите. Најдобро рангирани земји се Шведска, Финска, Данска, Австрија и Луксембург. Надминувањето на енергетската сиромаштија може да донесе повеќекратна корист: помалку расходи за здравството, намалување на загаденоста на околината, подобрување на семејниот буџет, зголемена економска активност и енергетска независност – објаснува Маја Крчум.


Протести во Загреб против мерките за коронавирусот

Во Загреб викендот се одржа протест против новите мерки за борба против епидемијата на коронавирусот. Жана Бебер, една од организаторите на собирот, членка на Главниот одбор на партијата Слободна Хрватска, рече дека тоа било спонтан собир.
– Полицијата ни соопшти дека мора да се придржуваме до мерките и дека не смее да има повеќе од 20 лица или ќе мора да преземат мерки. Нашата главна порака е дека е доста од репресија – ние сакаме слобода, а не ропство. Ковид-кризата е политички проект – изјави таа.
На хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му е одредена десетдневна самоизолација откако беше утврдено дека неговата сопруга има корона.
Ана Маслач Пленковиќ има температура и тестот покажа дека е позитивна, додека тестот на Пленковиќ во саботата покажа дека е негативен. Премиерот ќе ја продолжи својата работа од дома.