Хрватска дојде до работ и ако продолжи зголемувањето на леглата во приватните капацитети, ќе почнат сите да губат
Туристичките власти во Хрватска очекуваат годинашнава летна сезона да биде подобра за пет отсто во однос на 2017 година. Првпат по неколку години се јавија т.н. јулска дупка и намален број гости во првата половина на август. Ова покажува дека странските гости не се подготвени да ја плаќаат секоја повисока цена определена од хотелските асоцијации, а не се остварија ни процените за индивидуалните гости што летуваат без посредство на агенциите. Сепак, на крајот на годинава во Хрватска се очекува да биде остварен повисок промет во туризмот.
Во текот на сезоната хотелиерите ги намалија цените и беше спасен поголем пад на бројот на гостите. Тие мораа да се приспособат на цените на околните туристички земји на Медитеранот, каде што можеше да се летува поевтино и поквалитетно.
Хрватска повеќе не е туристичка сензација, пишува „Вечерњи лист“
– Не може секогаш да се биде светски првак и хит-дестинација десет години по ред. Вистина е дека Турција и другите конкуренти закрепнаа и исчезна хиперпобарувачката за Хрватска. И Шпанија годинава малку повеќе се прецени со цените. Наспроти осцилациите во сезоната, вкупниот резултат ќе биде подобар од лани – вели Борис Жгомба, претседател на здружението на патнички агенции ХГК.
Турција годинава во туризмот оствари пораст од 25 отсто. Годинава падот на гостите во Хрватска го почувствуваа сместувачките капацитети што нудат послаб квалитет и индивидуалните изнајмувачи на кревети, кои се мачеа да најдат гости и за време на шпицот. Во август, секој трет кревет во приватното сместување беше празен. Во понудата „слободни соби“ учествуваат десет илјади изнајмувачи, кои годинава имаат 60 илјади легла повеќе од лани. Бројот на креветите во семејното сместување расте од година на година и учествуваат со повеќе од половината на вкупните сместувачки капацитети. Меѓутоа, како што велат туристичките стручњаци, годинава Хрватска дојде до работ и ако се продолжи со неконтролираното изнајмување на соби, ќе почнат сите да губат. Односно, поради недостиг од гости, почнува меѓусебното натпреварување со квалитетот, но и со ниски цени, што на крајот ќе влијае на добивката од туризмот.
– Дефинитивно ова е последен момент туристичките власти посериозно да му се посветат во сегментот на туристичкото сместување. Доколку продолжиме вака, прашање е каде е границата и ќе се премине бројката од милион кревети во приватното сместување. Сигурно не сакаме да бидеме дестинација за гости со низок буџет. Решението е доста едноставно, да се одвои вистинското семејно сместување од соби и апартмани чии сопственици живеат во истиот објект што се изнајмува, а неретко и од оние што не живеат во тој град. На првите треба да им се дозволи изнајмување соби како дополнителна дејност, а другите да влезат во деловниот свет со основање фирми – вели еден изнајмувач на соби.
За туристичкиот работник Селмир Огњеновиќ, приватното сместување е традиција што треба да се негува, но разлики мора да има.
– За сите други што изнајмуваат соби и апартмани, а живеат во друг град или држава, треба повеќекратно да се зголеми данокот во однос на локалните изнајмувачи – вели тој.
Хрватска е зависна од туризмот. Ниедна земја во Европа во туристичкиот сектор нема големо учество од 20 отсто во БДП. Синиша Топаловиќ, директор на хрватскиот оддел на една странска консултантска фирма, вели дека последните три години хрватскиот туризам живееше во царството на соништата, односно беше во повластена пазарна позиција поради проблемите кај другите дестинации во Медитеранот.
– Сега се вративме на старите стапки на пораст на ноќевањата и бројот на гостите од три до пет отсто. На европско ниво тоа е пристоен просечен пораст. Не можевме да очекуваме повисок пораст, затоа што последните три години не го зголемивме квалитетот на нашиот туристички производ. Освен во делот на хотелите, каде што се реализирани одредени инвестиции – вели Топаловиќ во разговор за Тпортал.
Приватното сместување нема потенцијална сила за продолжување на туристичката сезона како хотелите, освен квалитетните вили и куќи за одмор. Поголемиот дел приватни капацитети работат само три-четири месеци. Нивната просечна годишна пополнетост е само 15 отсто годишно, што е многу слаб резултат. Ова, како што забележува Топаловиќ, е видлив знак дека тука нешто не функционира и дека ваквата понуда не е ниту конкурентна ниту формула за долгорочно одржлив модел за развој на хрватскиот туризам.