Постојат веродостојни информации дека е можно уште десет држави да го повлечат признавањето на Косово, рече косовскиот вицепремиер во оставка, Енвер Хоџај, пренесува „Бета“.
Тој во емисија на КТВ рекол дека од една соседна држава добиле информации дека Србија подготвува кампања за повлекување на признавањето.
– Тринаесет држави го повлекоа признавањето. Прво мора да го разбереме карактерот на нашата државност. Ако бевме членка на ООН, признавањето би било универзално. Во ситуација кога една земја го признава Косово, треба да се воспостават дипломатски односи. Некои од нив се навистина ранливи – рекол Хоџај, додавајќи дека дијалогот со Србија имал за цел, меѓу другото, да доведе до тоа нови држави да го признаат Косово.
Хоџај, кој беше министер за надворешни работи на Косово во два мандати од 2010 година, рекол дека на Косово му е потребна надворешна политика што има оперативен план и стратешки пристап и истакнал дека повлекувањата на признавањата на Косово би можеле да се избегнат.