Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти смета дека премиерот Рамуш Харадинај нема никакво влијание врз донесувањето на важни одлуки за Косово, додека реалната власт ја има претседателот Хашим Тачи, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според Хоти, претседателот на државата е тој што се наметнува како политички фактор, затоа што, како што вели, Харадинај доаѓа од една мала парламентарна партија.
– Премиерот доаѓа од партија која е петта по големина во Собранието на Косово и, поради тоа, никој не го прашува за ништо. Претседателот на државата си ја присвои надлежноста да ја реализира агендата со Србија за поделба на Косово. Претседателот на Собранието (Кадри Весели) е неважен во овие случувања и се наоѓа меѓу два огна – да биде внимателен наспроти неговиот шеф (Тачи), а истовремено да ја има предвид волјата на граѓаните на Косово кои се против заложбите на претседателот – изјави Хоти за весникот „Зери“.
Шефот на пратеничката група на најголемата опозициска партија ги издвојува како неуспеси на Владата на Харадинај необезбедувањето на нови меѓународни признавања на косовската независност и неукинувањето на визниот режим за Косово.
– Нови признавања на косовската држава нема и не се очекува да има. Визите тешко дека ќе бидат либерализирани, бидејќи ја изгубивме шансата во 2016 година поради однесувањето на сегашниот премиер. Косово ја има најслабата и најштетната Влада која некој може да ја замисли – изјави Хоти.