Над илјада хируршки интервенции се одложени само за една недела на Клиниката за хирургија во Клиничкиот универзитетски центар на Косово, поради тоа што лекарскиот персонал стапи во штрајк, јави дописникот на МИА од Приштина.
На 17 декември 2018 година, професионалниот колегиум на хирурзите донесе одлука за почнување штрајк поради неисполнувањето на дадените ветувања од страна на Владата за подготвување нацрт-закон за платите според нивните барања.
Претставникот на хирурзите Арбер Морина за весникот „Зери“ изјави дека во Клиниката за хирургија се одложуваат околу 200 операции дневно, а се третираат само итните случаи.
– Елективните операции се прекинати. Во просек, секојдневно не се третираат околу 200 елективни случаи. Итната служба продолжува да функционира како и досега. За ниеден случај на болест во кој се работи за загрозен живот на пациент не сме ги прекинале услугите – изјави Морина.