Косовскиот премиер Рамуш Харадинај смета дека претседателот Хашим Тачи „би било добро да размисли“ дали треба да продолжат преговорите со Србија, се додека, како што рече, агендата на неговата држава зависи од расположението на другата страна, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај по денешната седница на Министерскиот совет за евроинтеграции им изјави на новинарите дека нема информации за тоа што ќе се разговара денеска во Брисел на средбата меѓу Тачи и српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Тоа што ми остава впечаток е дека на дијалогот се придава многу значење од Европската унија, а Косово се покажува како многу податно. Би било мошне лошо на едната страна, во случајов на Косово и на господинот Тачи, да им се вели дојдете на дијалог, ама вашите граѓани нема да добијат визна либерализација. Би требало самиот тој да одлучи што треба да прави. Дали треба да оди на тие разговори. Дали треба да прифати секоја агенда на неговата држава да зависи од расположението на другата страна – изјави Харадинај.
Косовскиот премиер рече дека дополнителните такси од 10 отсто на српските производи што се увезуваат во Косово се воведени како одговор на однесувањето на Белград кон косовската државност.