Косовскиот премиер Рамуш Харадинај испрати писмо до сите држави членки на Европската унија (ЕУ), во кое ги елаборира причините поради кои неговата Влада воведе 100 отсто такси на увозот на производи од Србија и од Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во писмото кое го објави „Газета Експрес“, Харадинај тврди дека Косово постојано ги почитувало во целост сите договори и сите обврски од ЦЕФТА, но дека истото не го правеле Србија и Босна и Херцеговина.
Тие две земји заедно, според косовскиот премиер, „ги прекршуваа обврските од ЦЕФТА, го кршеа уставниот поредок на Република Косово и ги загрозуваа безбедноста и јавните политики на Косово“.
– Додека Косово во целост ги извршуваше своите обврски, постојано се соочуваше и известуваше за непочитување од страна на Република Србија и Босна и Херцеговина на обврските кои произлегуваат од ЦЕФТА и другите применливи меѓународни закони. Обете земји извршија дејствија со кои ги прекршија обврските преземени од ЦЕФТА, го кршеа внатрешниот уставен поредок, го загрозуваа суверенитетот, безбедноста и јавните политики на Косово. Во случајот со Република Србија, тие дејствија се во спротивност и со постигнатите договори во рамките на дијалогот за нормализација на односите меѓу Република Косово и Србија, се наведува во писмото на Харадинај.
Во информацијата се нагласуваат, меѓу другото, и бројните пречки и проблеми со кои се соочувале косовските бизнисмени при извозот на стоки во тие две земји.
Во писмото на пет страници кое Харадинај го испратил до членките на ЕУ, во триесетина точки и потточки во детали се опишуваат и други прекршувања на меѓународни договори што кон Косово ги извршиле Србија и БиХ.
– Како одговор на тие прекршувања и во одбрана на уставниот поредок, Владата на Република Косово ја донесе одлуката за такса од 100 отсто кон Србија и БиХ, им напиша Харадинај на земјите членки на ЕУ.