Буџетот на канцеларијата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај во идната година, според новата проекција за државниот трезор, ќе биде поголем од годинешниот за 1,8 милиони евра, јави дописникот на МИА од Приштина.
Спорeд пишувањето на порталот „Калѕо“ (kallxo.com), премиерскиот кабинет во 2019 година ќе има на располагање 18 милиони и 434 илјади и 39 евра, од кои 9,9 милиони се предвидени за трошоци за набавки и услуги.
Во соглaсност со предлог-буџетот за идната година, споменатите трошоци се зголемени за пет милиони евра во однос на оваа година, а за истата таа сума се намалени средствата предвидена за капитални инвестиции. Во вкупниот буџет за премиерскиот кабинет, набавките и услугите опфаќаат 53,9 проценти.
Во категоријата „дневници“ предвидените трошоци се зголемени за 757.000 евра, а над еден милион евра повеќе пари се предвидени и за „субвенции и трансфери“.