Косовскиот премиер Рамуш Харадинај смета дека единствениот начин да се затворат прашањата меѓу Косово и Србија е помирувањето на двата народа и признавањето на независноста на Косово од страна на Белград.
Ваквиот став Харадинај го изнесе на денешната свечена седница на косовското Собрание одржана во Призрен, по повод 140 години од формирањето на Призренската лига.
Косово, според премиерот Харадинај, се наоѓа во чувствителен период, бидејќи, смета тој, нерешените прашања со Србија се настојува да се решат „со нови политички пазарења“.
– Еден незатворен однос Косово-Србија се настојува да се претвори во нови политички пазарења. Неправда е ако се случи тоа. Ве уверувам дека единствениот начин да се затвори војната од 1999 година е помирувањето меѓу Албанците и Србите со признавање на Косово и Србија и без други валкани пазарења на сметка на Албанците, порача Харадинај.
Говорејќи за Призренската лига, косовскиот премиер рече дека албанските лидери од тоа време биле подготвени за тешки времиња и дека на истиот начин и денешните државници треба да влезат подготвени во решавањето на проблемите.
– Народите треба секогаш да работат за тешки времиња. Тогашните мажи се гледа дека со години размислувале дека може да им дојде тој ден, денот кога Албанците треба да го дадат сопствениот одговор за нивното право, рече Харадинај.
Свечената седница за годишнината од Призренската лига ја водеше претседателот на косовското Собрание Кадри Весели, кој истакна дека таа организација „ја втемели националната свест на Албанците, ги создаде стандардите на патриотизмот и современиот идентитет на Албанците и во исто време и платформата и програмата за ослободување и независност“.
– Без Призренската лига, националната историја ќе беше сосема поинаква и нималку позитивна, рече Весели.