Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави денеска во Познањ дека Приштина е подготвена да ги укине царините за увоз на стока од Србија, но само ако Белград ја признае независноста на Косово.

По средбата со премиерите на земјите учеснички на Самитот на Западен Балкан во рамките на Белинскиот процес, Харадинај за новинарите изјави дека заемното признавање меѓу Косово и Србија е „клуч за подобра и побрза интеграција на Западен Балкан во ЕУ“.
        
– Подготвени сме за укинување на царините, но мораме меѓусебно да се признаеме. Ако некој не ја признава нашата егзистенција, тогаш е невозможно да се има економски односи. За економски се потребни и политички односи. Во интерес на Србија и на Косово е меѓусебно да се признаваме – изјави Харадинај.

Тој рече дека Приштина не донела одлука за забрана на влезот на српските официјални претставници во Косово, за што пишуваат медиумите.
        
– Постои законска процедура за одобрување на влезот во Косово, но секое барање поединечно се разгледува. Пред некој ден директорот на канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ беше во Косово, не постои колективна одлука, тоа не се прави така – рече косовскиот премиер.