Поранешниот косовски премиер, Рамуш Харадинај, изјави дека одлуката на актуелниот премиер, Албин Курти, да укине дел од таксите за стоката од Србија е погрешна, ирелевантна и го загрозува Косово.
– Курти вчера соопшти дека на 15 март се укинуваат таксите за суровини, а од 1 април дека ќе се укинат во целост. Со оваа одлука сака да го измами Косово, спакувано со реторички замки и наводни условувања кои ги нуди – рекол Харадинај.
Тој смета дека укинувањето на таксите за суровините е глупост, како и тоа дека е потребно две недели да се процени дали Србија ќе биде конструктивна.
– Каков показател ќе бидат две недели кога ја знаеме Србија толку години. Укинувањето на тарифите е само конструкција на Курти претседателот Вучиќ да победи на изборите во Србија – тврди Харадинај и исткнува дека не постои договор меѓу нив.
Тој најавил дека ќе ги мобилизира граѓаните за да го одврати Курти од, како што рекол, оваа опасна насока кон која се движи земјата.
– Ќе ги повикаме граѓаните на мобилизација – рекол Харадинај.
Тој рекол дека Курти му испратил итен повик за состанок на кој би разговарале за националните интереси.
– Му испратив порака дека не сум заинтересиран за разговор и дека поканата за состанок по донесена одлука е повеќе од навреда – рекол Харадинај.