Косовскиот премиер Рамуш Харадинај во интервју за Гласот на Америка вели дека не ги разбира реакциите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кон него, повторувајќи го неговиот став дека никој од надвор нема да донесува одлуки за внатрешните работи на Косово.
Харадинај посочува дека не сака да преудицира кој би можел да ја нареди акцијата за апсење и депортација на турските државјани, која според него, претставува еден вид „кражба на луѓе од Косово“.
– Косово води грижа во односите со сите земји, вклучително и со Република Турција. Ние сме благодарни за признавањето, поддршката на меѓународен план за членство во меѓународните организации, сега аплициравме за Интерпол и сме биле многу внимателни да не се мешаме во внатрешните работи на друга земја, значи и на Република Турција – изјави Харадинај.
Тој посочува дека апсењето на шестмината турски државјани во Косово и нивната депортација има многу нејаснотии во врска со начинот на кој им е одземена дозволата за престој и нивното тајна депортирање,
– Врз основа на овој и на фактот дека не бев информиран, донесов одлука за разрешување на министерот за внатрешни работи и директорот на Косовската тајна служба. Реакцијата на претседателот Ердоган не ја разбирам. Ние не се мешаме во внатрешните работи на Турција, ова се наши внатрешни работи и никој нема право да се меша во внатрешните работи на Косово – нагласи Харадинај.
По апсењето и депортацијата на турските државјани, инаку професори во училиштата „Ѓулистан“, кои Анкара ги обвинува за поврзаност со исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, Харадинај ги разреши косовскиот министер за внатрешни работи Флаг Сефај и директорот на тајната служба Дритон Гашо, На разрешувањата остро реагираше Ердоган, кој во три наврати му упати предупредување на Харадинај, дека она што го направил е срамно, дека неговите денови како премиер се избројани и дека е марионета на САД и ги повика косовските граѓани да протестираат против него.