Kанцеларијата за односи со јавност на Владата на Косово го објави попладнево интегралното обраќање на премиерот Рамуш Харадинај на состанокот на Комитетот за Стабилизација и асоцијација (ССА), во кое тој го критикува Брисел за „небрежност“ и „нејаснотии во однос на европската перспектива на Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.
И покрај таквиот однос, изјави Харадинај на состанокот на ССА во Брисел, „Република Косово останува цврсто решена за зачленување во ЕУ како нејзин највисок приоритет, и продолжува непрекинато да работи за целосно исполнување на ССА и за почитување на заедничкиот договор“.
– Тука сум како премиер на една суверена држава. Јас го претставувам мојот народ кој страдаше поради неговата верба во слобода, а продолжува да страда и денес, истакна Харадинај, изразувајќи „длабоко уверување дека нема земја во Европа која е повеќе посветена на идеалите на Европската унија од Косово“.
Според косовскиот премиер, „Косово е динамично општество, кое има уште подинамична младина“, која постигнува завидни резултати, и покрај ограничувањата што ги има поради визните бариери.
– Тие не можат да патуваат слободно и не можат да бидат рамноправни учесници во заедницата на слободни нации. Наспроти тој несреќен факт, тие ги кршат бариерите, иако ограничени со визи, постигнувајќи резултати на светско ниво во спортот, музиката, образованието, иновациите. А сите тие успеси многу лесно можеа да бидат успеси на Европа, порача Харадинај.
Тој нагласи дека, „иако Косово ги исполни сите 95 критериуми кои му беа зададени, како што беше потврдено и од Европската комисија во мај“, одогворот што го добива од ЕУ е „половичен и безнадежен“.
– Косово се чувствува измамено и разочарано од ЕУ. Нашите граѓани се ставаат во искушенија кои се над тоа што е оправдано и правично. Времето не е наш сојузник. Треба да видиме конкретен прогрес, се посочува во обраќањето на Харадинај.
Косовскиот премиер нагласува дека Владата и тој лично никогаш не го довеле во прашање значењето на дијалогот со Србија.
Меѓутоа, смета тој, во овој процес, со отворањето на прашањето на промената на границите меѓу двете земји, „сериозно е нарушен кредибилитетот на посредникот“ во преговорите, односно на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини, која тој, сепак, не ја именува.
– Ова е единствениот пат напред за Косово и Србија, за да станеме рамноправни членки на европското семејство. Сепак, 20 години по војната, 10 години по независноста и пет години по Бриселскиот договор, реалноста е дека напредокот кон нормализирањето на односите меѓу Косово и Србија е минимален и фактички сега е сосема излезен од колосек, особено со јавната дебата за злокобната идеја за корекција на границата и размена на територии. Сериозно е нарушен кредибилитетот на посредникот и е нанаесена штета на постигнувањата кои ги имавме во дијалогот посредуван од ЕУ во изминатите седум години, оцени Харадинај.
Косовскиот премиер порачува дека „никој во името на Косово не смее да зборува за проимена на границата“.
– Јас како премиер и Владата на Косово силно се спротивставуваме и ја отфрламе таа идеја, која ќе донесе само војни и нови трагедии на Балканот. Секој кој што зборува за границите, за територијата, или било каква корекција за мојата земја, е мој непријател. Како премиер, стојам тука пред вас за да ве соочам со вистината, со реалноста и ориентацијата на мојата земја, не со она што сакате да го слушнете, или за што сте информирани од некој друг. Реалноста е дека ние сме суверена, демократска и мултиетничка држава и врз основа на оваа неспорна вистина ние сакаме да постигнеме конечен договор со Србија, се наведува во обраќањето на Харадинај на седницата на Советот на Спогодбата за асоцијација и стабилизација што денеска се одржа во Брисел.