Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изрази уверување дека трансформацијата на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во вооружени сили не загрозува никого и дека идната војска на Косово ќе придонесе за глобалниот мир, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Војската не ни е потребна за северот на Косово. Војската ни е за Авганистан и Ирак, за да им помогнеме на другите држави – изјави Харадинај на церемонија по повод почетокот на изградбата на локален пат во селото Племетин, во општина Обилиќ.
Харадинај во селото со етнички мешано население, беше прашан од новинарите да ги коментира изјавите на највисоките претставници на Белград, кои предупредуваат дека косовската војска претставува опасност за мирот во регионот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изарази загриженост поради формирањето војска на Косово и најави дека ќе побара за тоа прашање Русија или Кина да свикаат седница на Советот за безбедност на Обединетите нации. Српската премиерка Ана Брнабиќ, пак, изјави дека се надева оти Србија „никогаш не ќе мора да ја употреби својата војска, но тоа е една од опциите“, додека директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Марко Ѓуриќ, изјави дека создавањето на косовската војска е „насочено против Србија“.
Во Приштина во завршна фаза е собраниската процедура за пакетот закони со кои се предвидува трансформација на ФСК во војска на Косово. Пленарната седница за гласање за законите во второ читање, откако беа усвоени од надлежните собраниски комисии, е закажана за 14 декември.
Во прво читање законите за ФСК, за Министерството за одбрана и за служење во ФСК беа усвоени со гласовите на сите пратеници, освен на оние од српска националност, кои, како и официјален Белград, се против формирање на оружени сили на Косово. Според Белград и политичките претставници на косовските Срби, единствена вооружена формација во Косово, согласно Резолуцијата 1244 на СБ на ООН, е КФОР.