Најновите настани ќе доведат до сериозни политички потреси на Косово, а со заминувањето на Тачи и на Весели во Хаг ќе замине и една политичка гарнитура што од војната излезе со калашникови и долги години ја држеше власта во Приштина, сметаат политичките аналитичари
Поднесувањето обвинение од Специјалното обвинителство во Хаг против поранешното водство на Ослободителната војска на Косово за сторени воени злосторства значи целосен пресврт во едностраната перцепција за спроведување на меѓународното право и правда, кога се однесува за главните актери во настаните од распадот на поранешната југословенска заедница. Наредниот период пред меѓународниот суд ќе се соочат високите косовски функционери, почнувајќи од претседателот Хашим Тачи, Кадри Весели, шефот на пратеничката група на движењето Самоопределување Реџеп Сељими, портпаролот на ОВК Јакуп Красниќи. Каков ќе биде исходот од судскиот процес засега е неизвесно, но сосема е сигурно дека тоа ќе влијае и на идните политички односи на релацијата Белград – Приштина.
Во јуни годинава судот во Хаг поднесе обвинение против Хашим Тачи и Кадри Весели за злосторства против човештвото и воени злосторства. Тие и други осомничени припадници на поранешната ОВК, според обвинителниот предмет, се товарат за одговорност за околу 100 убиства на Срби, косовски Албанци, Роми и лица од друга националност, како и политички противници. Хашим Тачи е лидер на поранешната ОВК и тој, според извештајот на Советот на Европа од 2011 година, чиј автор е швајцарскиот сенатор Дик Марти, се доведува во врска со организиран криминал и воени злосторства, пишува белградски „Телеграф“. Во извештајот на Марти се наведува дека на северот на Албанија постоеле тајни затвори во кои некои Срби и Албанци биле третирани нехумано, а подоцна ним им се губи трагата.
Како посериозно обвинение со кое може да се соочат поранешните припадници на ОВК е случајот „Жолта куќа“, во која, според одредени сознанија, на воените затвореници им биле вадени органи што потоа се продавале на црниот пазар во странство.
Списокот на обвиненија против Кадри Весели е исто така подолг. Специјалното обвинителство против него го потврди обвинението што се однесува за сторени воени злосторства, за убиства, исчезнување лица, ликвидација на сведоци, мачење, за киднапирање луѓе и силување. Весели беше началник на разузнавачката служба ШИК, која била формирана во рамките на ОВК. Со слични обвиненија се соочува и Јакуп Красниќи, за кого белградските медиуми пишуваат дека бил запознаен со планирањето, изведувањето и организирањето киднапирања, убиства и физичко малтретирање на Срби, Албанци и Роми и припадници на други националности, за што бил испитуван и пред Специјалниот суд.
Оставката на косовскиот претседател Хашим Тачи, по потврдувањето на обвинетиот од меѓународниот суд, ќе предизвика и политички потрес на Косово, а можно е и одржување предвремени претседателски и парламентарни избори, што, секако, ќе се одрази и на динамиката на политичкиот дијалог меѓу Белград и Приштина.
Од Европската Унија ја потврдуваат поддршката на Специјалниот суд и Обвинителството на Косово, додека оставката на косовскиот претседател е клучниот елемент за напредок на Косово кон европскиот пат и ангажирањето на ЕУ на целиот Западен Балкан, според Петар Стано, портпарол на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.
Најновите настани ќе доведат до сериозни политички потреси на Косово, а со заминувањето на Тачи и на Весели во Хаг ќе замине и една политичка гарнитура што од војната излезе со калашникови, за подоцна да оствари целосна контрола и власт и во подземјето во Косово, е процената на новинарот Миливој Михајловиќ.
– За почеток ќе има предвремени избори, во кои фаворит ќе биде Самоопределување. Сето тоа ќе се одрази и на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Ова значи и крај на „епохата на Тачи“ во бриселскиот дијалог, кој досега се одвиваше преку договарања и потпишување документи, а ништо од тоа не беше спроведено. Верувам дека доаѓа некое друго време на сериозни разговори и мислам дека тука треба да се очекува некоја бенефиција кога е во прашање стабилноста на целиот регион – изјави Михајловиќ за „Дојче веле“.
Меѓу политичките партии на Косово има поделеност за ставовите за идните политички и меѓународни процеси. Од Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај побараа прекинувањето на дијалогот со Белград. Реакцијата на претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа, се однесува на тоа дека „Владата на Косово нема причина да го прекинува дијалогот со Србија, кој е во интерес на Косово“.
Косовскиот премиер Авдулах Хоти ја поздрави подготвеноста на косовските функционери да се соочат со судот и истакна дека верува во правдата.
– Неодамнешните настани ја доведоа државата во нови искушенија. Како премиер и како граѓани, да ги погледнеме нашите напори да ја постигнеме слободата што ја имаме, во 1998 и 1999 година светот го виде геноцидот над народот на Косово – рече Хоти, пренесува „Газета експрес“.
Припадниците на ЕУЛЕКС вчера извршија претрес на куќата на поранешниот претседател Хашим Тачи. Од судот во Хаг ги повикаа жртвите на кривичните дела споменати во обвиненијата против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи да се јават и да учествуваат во судската постапка. Во изминатиот период имаше неколку обиди за „блокирање“ на судската постапка, преку објавување на имињата на заштитените сведоци, за што меѓународните судски органи сметаат дека е потребна поголема заштита на лицата што се повикани да сведочат во случаите против поранешното раководство на ОВК. Медиумите во Србија пишуваа за повеќе случаи на убиства и исчезнати сведоци.