Граничната агенција на ЕУ објави денеска дека започнала внатрешна истрага за нелегалното грчко враќање на мигранти по различните извештаи во меѓународните медиуми, пренесува „Екатимерини“.
– Ги разгледуваме обвинувањата изнесени од повеќе новински организации поврзани со нашите активности на надворешната граница на Грција – рече извршниот директор на Фронтекс, Фабрис Леџери, во писмената изјава во која се наведува дека агенцијата нема да толерира никакви повреди на основните човекови права.
– Ние остануваме посветени на обезбедувањето поддршка за Грција на нејзините надворешни граници во согласност со нашиот мандат и во духот на солидарноста на ЕУ, целосно почитувајќи ги основните права и меѓународното право – додаде тој.
Фронтекс рече дека несогласувањето меѓу Турција и Грција за поморските граници дополнително ја комплицира ситуацијата.
Групите за човекови права одамна ги обвинуваат грчките граничари за намерно напуштање и принудно враќање на бегалците на море. „Шпигел“ минатата недела објави документи кои покажуваат дека единиците на Фронтекс ја набљудувале, па дури и ја поддржувале оваа практика во последните месеци, во спротивност со меѓународното право
– Нашето истражување првпат докажува дека претставниците на Фронтекс знаат за незаконските практики на грчките граничари и дека самата агенција на моменти е вклучена во тие активности – објави неделникот.
„Шпигел“ документираше најмалку шест инциденти во кои единиците на Фронтекс биле вклучени во нелегално враќање на мигрантите во близина на островите Лезбос и Самос помеѓу 28 април и 19 август.
Анализата на „Шпигел“ беше поткрепена и од „Лајтхаус рипортс“, „Белинкет“, германската телевизија АРД и јапонската телевизија ТВ Асахи.