Десетина партии и движења од опозицијата во Белград во неделата потпишаа спогодба за основање нов политички блок, со назив Сојуз за Србија. Во него членуваат Двери, Народна партија, Демократската партија, Левица Србија, Здрава Србија, Заедно за Србија, Движење за промени, Здружените синдикати и движењето на Србите во Ким „Татковина“.
Иницијатор за формирање на сојузот, Драган Ѓилас, пред присутните на основачкиот состанок рече дека целта на сојузот е да ја изградат Србија како „просперитетна куќа“ и ги повика лидерите на граЃаните да им се придружат. Претседателот на Демократската партија, Зоран Лутовац, изјави дека не се важни идеолошките разлики меѓу партиите.
– Не сме прост збир на слабите рејтинзи и ги охрабруваме другите сите заедно да се бориме за општо добро на луѓето – рече Лутовац.
Претседателот на НП, Вук Јеремиќ, нагласи дека Балканот повторно е во центарот на вниманието на светската јавност, со идејата за прецртување на границите.
– Поради Косово, власта во Србија ја има поддршката на меѓународната заедница и нема да биде лесно да се прекине тоа полнење со енергија – нагласи Јеремиќ.
Бошко Обрадовиќ од Двери говореше за трите важни цели на сојузот и за програмската платформа, која се состои од 30 точки, а опфаќа формирање преодна и експертска влада и промовирање нова политичка култура во Србија.
Претседателот на Србија и лидер на владејачката Српска напредна партија, Александар Вучиќ, изјави дека опозицијата има страв од него и кога тој би бил во опозиција и најдобро знае колку се тие лажговци и кукавици.
– Во Сојузот се собрале девет партии и движења. И да бидат и 99 сите ќе знаат дека не им се плашам, што и да прават тие. Не ме интересира опстојувањето на власта, ме интересира само иднината на Србија – рече Вучиќ во својата реакција по формирањето на СЗС.
Тој го нарече Драган Ѓилас, лидерот на Сојузот за Србија, еден од тројцата најголеми тајкуни во Србија.