Агенти на американското Федерално истражно биро (ФБИ) го ограничиле движењето на десет црногорски граѓани што се наоѓаат на брод во Филаделфија, на кој се запленети 16 тони кокаин, по што, освен четворицата уапсени, забрана за напуштање на бродот добиле и другите морнари од Црна Гора.
Црногорскиот портал „ЦДМ“ известува дека на некои од нив, според информациите од весникот „Дан“, им било дозволено да контактираат со семејствата. ФБИ во овој момент не ги товари за шверц на 16-те тони кокаин, но тие се испрашувани во рамките на истрагата и од нив се земени ДНК-примероци, а нивниот статус ќе биде познат по вештачењето на дрогата.
Весникот „Дан“ имал увид во документ на ФБИ, каде што се тврди дека од членовите на екипажот повеќето се црногорски државјани. Покрај капетанот на бродот Дарко Рогановиќ, испитувани се и четири лица од Котор и едно од Никшиќ.
Според информациите на весникот, тие сè уште не се осомничени, но уапсени се четворица други морнари, тројца од Котор и еден од Будва, на возраст од 25 до 39 години. Сите тие се членови на екипажот на бродот МСЦ Гајан, во сопственост на швајцарска компанија, каде што беа пронајдени десетици пакети со кокаин.