Бугарија
Димитар Гардев, кој се сметаше за фаворит на партијата Има таков народ за функцијата нов министер за надворешни работи на Бугарија, споделил неточна информација во својата официјална биографија, опишувајќи ги позициите што ги извршувал како вработен во Европскиот парламент, објави Еурактив Бугарија. Во својата официјална кратка биографија, Гардев тврди дека бил „советник во АФЕТ и СЕДЕ“. Ваквата информација е споделена и на официјалниот сајт на партијата Има таков народ. Инаку, АФЕТ е комисија за надворешни работи на Европскиот парламент, а СЕДЕ е поткомисија за безбедност и одбрана. Еурактив Бугарија контактира со релевантните служби на Европскиот парламент, кои рекоа дека „администрацијата на Европскиот парламент нема податоци за Димитар Гардев како член на персоналот во нејзиниот секретаријат“.
Според достапните информации, Гардев во Парламентот всушност бил помошник на бугарската европратеничка Елена Јончева, во нејзината канцеларија во Софија. Запрашан за коментар, Гардев рече дека навистина работел како помошник на Јончева и во оваа функција покривал прашања од надлежностите на комитетите АФЕТ и СЕДЕ во кои Јончева била член. Тој рече дека Европскиот парламент ја разгледал неговата работа и дека добил добра оцена.
Од своја страна, Јончева потврди дека Гардев ѝ бил помошник во канцеларијата во Софија во периодот од 2019 до 2020 година, но рече дека неговото тврдење дека бил советник на двата комитета не е точно.
Бугарија формира коалициска влада составена од четири партии: центристичката Промената продолжува, централнолевичарската Бугарска социјалистичка партија (БСП), антисистемската Има таков народ и десниот центар Демократска Бугарија. Имињата на кандидатите за министри станаа познати во понеделникот, а за премиер е именуван лидерот на Промените продолжуваат, Кирил Петков. Иако списокот не е официјален, ниту еден од четворицата коалициски партнери не ги оспори протекувањата објавени во медиумите, во кои Гардев беше промовиран како нов министер за надворешни работи.
Бугарскиот претседател Румен Радев ги повика политичките партии да номинираат „професионалец“ за таа функција.