Стручњаците за европска интеграција се сомневаат дека ќе се остварат декларираните заложби на официјалните лица на ЕУ дека до крајот на годината ќе дојде до приближување на регионот до Унијата
За земјите од Западен Балкан поминува уште една изгубена година кога е во прашање процесот на нивно приближување кон Европската Унија. По првата половина од годинава, кога темата за проширувањето на ЕУ се користеше во секоја пригода од официјалните бриселски и балкански политичари, последните два месеца никој не ја ни споменува како една од главните приоритети за земјите од регионот. Се чини дека реториката на овдешните водства сѐ повеќе се пренасочува кон иницијативата „Отворен Балкан“, а процесот на проширување се споменува само како некоја идна и временски неодредена опција. Кај стручната јавност сѐ помалку е присутен и оптимизмот за некое побрзо европско интегрирање на регионот, што може да биде поместено на маргините на меѓународната и европската политика, поради отворањето на проблемот со приемот на бегалците од Авганистан, по преземањето на власта на талибанските лидери. Се проценува дека околу 350 илјади авганистански граѓани се „подготвени“ да тргнат на долгиот пат кон Европската Унија, а една од нивните дестинации се и земјите од регионот, како дел од т.н. балканска маршрута. Тоа уште повеќе ќе ја зголеми недовербата на европските граѓани кон процесот на проширување.
Стручњаците за европска интеграција се сомневаат дека ќе се остварат декларираните заложби на официјалните лица на ЕУ дека до крајот на годината ќе дојде до приближување на регионот до Унијата. Западен Балкан е важен за Брисел, но досега земјите од регионот не покажале подготвеност да ги исполнат критериумите за напредок кон европскиот пат, сметаат соговорниците на српскиот весник „Данас“.
Франк-Лотар Алтман, германски политиколог и познавач на овој регион, вели дека е очигледно дека државите од Западен Балкан ја губат вербата во перспективата за членство во ЕУ, за што е потребно и Унијата да испрати некој охрабрувачки сигнал.
– Во реалноста не е познато каков сигнал ќе биде испратен, имајќи предвид дека државите не бележат позитивни резултати, во врска со реформите и подготвеноста за членство. Може Северна Македонија да добие зелено светло за почеток на преговори доколку Бугарија се вразуми, но за Србија сум доста скептичен – вели Алтман.
Стефан Симиќ, програмски координатор во фондацијата „Центар за демократија“, забележува дека Србија не ги отворила новите поглавја повеќе од 18 месеци, но можно е со промената на методологијата за преговори со ЕУ да се отворат еден или два кластера до крајот на годината.
– Повторно, тоа нема да бидат клучни поместувања, бидејќи Србија стагнира во клучните поглавја 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото и правосудството. Наскоро се и изборите и не сум сигурен дека ќе постои волја да се решава нешто пред изборите. Во регионот состојбата е исто така нестабилна. Во Босна и Херцеговина се случуваат препукувања за кои нема изгледи да се постигне некое решение. Но иницијативата „Отворен Балкан“ може да има позитивни резултати во иднината – вели Симиќ.
Димитрије Милиќ, програмски директор во организацијата „Нов трет пат“, смета дека земјите од Западен Балкан се на географски важно место за да бидат игнорирани од страна на Брисел.
– Од друга страна, не значи дека интересот на Брисел нужно ќе биде да ги прими овие држави во својот состав. Тоа е непопуларно, особено во периодот на пораст на популизмот во западноевропските држави, кои имаат висок степен на корелација и се однесуваат со сомнеж кон имиграцијата, и тоа онаа источноевропската. Приемот на држави што се наоѓаат во економска смисла под просекот на ЕУ подразбира нови членки што би биле нето-приматели на средства од структурните и кохезивните фондови на ЕУ. Приемот на нови членови кај богатите и, со тоа, влијателни членки на ЕУ исто така не е популарен – нагласува Милиќ.
Доколку главните членки на Унијата почувствуваат дека овој регион може да стане политички полигон за конкурентните сили, како Кина, Русија или Турција, може да се очекува позначајно отворање кон регионот. Економскиот потенцијал на сите земји од Западен Балкан е помал од оној на Словачка и, доколку сака, ЕУ може лесно да го повлече регионот, заклучува Милиќ.