На политичката сцена во Босна и Херцеговина на големо се тргува со позициите, а тоа најдобро се прави со блокада на процесот за конституирање на новата извршна власт на сите нивоа
Еден месец по одржувањето на општите избори во Босна и Херцеговина, сѐ поизвесно е како ќе изгледа идната власт, но аналитичарите веруваат дека нејзиното конституирање ќе биде полесно на ниво на кантони, за разлика од формирањето на новата власт во ентитетите каде што се очекува „трговија со гласовите“. Во деновите по изборите на ниво на федерацијата се формираат некој вид политички блокови меѓу Социјалдемократската партија на БиХ (СДП БиХ) и Партијата за демократска акција (СДА). Во Република Српска, неочекувано голем број од членовите на Српската демократска партија (СДС) сакаат да влезат во коалиција со Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД). Истовремено во Зеничко-добојскиот кантон е најавена коалиција меѓу СДА и ХДЗ за БиХ и Партијата за БиХ (СБиХ), со тоа што клубот на хрватските пратеници ќе добие две министерски позиции.
Аналитичарката Ивана Мариќ, за Радио Слободна Европа, изјави дека на политичката сцена на големо се тргува со позициите, а тоа најдобро се постигнува со блокада на процесот за конституирање на новата извршна власт на сите нивоа.
– Имаме коалициски партнери, кои лошо говорат едни за други и се однесуваат како да се опозиција во рамките на власта. Еден субјект поставува услови и не сака да се постигне компромис. Единствено средство за да ја остварат својата намера е да блокираат. Тоа значи дека во игра се чисто математички коалиции. Секој го гледа сопствениот интерес. За остварување на нивните барања и на тесен круг луѓе, ги држат граѓаните во заложништво, како и нациите што ги претставуваат – нагласува Мариќ.
Разговорите за коалицирање во БиХ траат веќе две децении и тие претставуваат „трговија со интересите“, смета професорот Есад Бајтал.
– Во јавноста се изнесуваат различни и контрадикторни изјави од лажните партии, кои им годат на криминалните интереси на етничките групи. За ова сведочи и примерот од Зеничко-добојскиот кантон, во кој ХДЗ има тројца пратеници, а ќе добие две министерски места. Ова е доказ дека во прашање е трговија, која е од корист на една група – истакнува Бајтал.
Според Жарко Папиќ, директор на Иницијативата за подобра и хумана инклузија посебно, загрижуваат заканите што доаѓаат од поединечните политички партии.
– Ако министерот за внатрешни работи на Федерацијата БиХ, на евентуалната можност СДА да не биде на власт во Кантонот во Сараево, вели дека тие нема да седат со скрстени раце, дали тоа не значи и најава за државен удар и пуштање на тенковите на улица! Државен удар претставува и измена на волјата на гласачите на начин што е целосно илегален, значи со купување пратеници, уценување и користење разни други методи – појаснува Папиќ.
Тоа што повеќе од две децении политичките партии се закануваат со манифестирањето на силата, е резултат на вечното опстојување на власт на националните партии, заклучува Папиќ.
– Еден аспект е тоа што СДА и ХДЗ, кога говориме за федерацијата, ја имаат силата преку стекнување финансиска моќ на наместени тендери и заземање на највлијателните функции во институциите на системот. Вториот аспект е стравот од губењето на позициите. Можете ли да замислите, Кантонот Сараево, кој има поголем општествен производ од Република Српска, во иднина да не биде повеќе на власт. Таа ќе изгуби од материјалните ресурси со што се доведува во прашање и опстанувањето на СДА во овој облик на политичка партија – вели Папиќ, за Радио Слободна Европа.