На Црна Гора, која е поделено општество, ѝ е потребен уставен патриотизам што подразбира целосна лојалност во државата и јакнење на темелите на ЦГ како граѓанска држава. Тоа е концепт што води кон поголема општествена кохезија, која поделбите ги претвора во заедништво, со зачувување на посебноста на верските и етничките заедници. Ова го изјавија Милош Николиќ, Владимир Павичевиќ и Андрија Поповиќ, соговорниците на весникот „Побједа“, како претставници на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Црногорската и Либералната партија
Милош Николиќ објаснува дека уставниот патриотизам е концепт што води кон поголема општествена кохезија, со што се создаваат услови сите човечки ресурси да бидат во функција на јакнење на државата во целина.
– Црна Гора, де факто, е поделено општество по национална и верска структура и тука може да се бара најмал заеднички содржател на најшироките општествени субјекти, а тоа е уставниот патриотизам – вели Николиќ.
Владимир Павичевиќ, претседател на Црногорската партија, вели дека овој концепт подразбира собирање околу целосната лојалност во државата. Уставниот патриотизам, според него, е концепција што доаѓа од политичката теорија, која е развиена посебно во Германија во поствоениот период.
Андрија Поповиќ од Либералната партија вели дека оваа идеја ја промовира политичката поврзаност што почива на заеднички вредности и норми на либерално демократско и граѓанско општество.
– За граѓаните, односно нацијата, не е пресудна традиционалистичката култура, етницитет или религиски фолклор, туку чувство на припадност на граѓанското општество. Уставот ја штити слободата на секој од нас, без разлика на личните особини и припадност. Затоа, оваа идеја во суштина е супериорна и најлогичен чекор во модерниот развој на црногорската држава – вели Поповиќ, за „Побједа“.