Инцидентот во Буларат доаѓа во време кога се прават сериозни напори за нормализирање на грчко-албанските односи, речиси по еден век постоење на „воена состојба“
Страстите во Грција и во Албанија по убиството на Константин Кацифас, од страна на албанската полиција, не стивнуваат. Министерствата за надворешни работи на двете земји имаат различни видувања за настанот што се случи минатата недела, кога албанските специјални полициски сили го убија триесетгодишниот Грк во селото Буларат, во областа на градот Џирокастро, на југот на Албанија. Српското издание на „Спутник“ објави текст во кој се анализираше колку овој инцидент ќе може да влијае на процесот за нормализација на односите меѓу двете соседни земји.
Според извештајот на албанската полиција, Кацифас, облечен во маскирна униформа, го поставил грчкото знаме во селото, а потоа почнал да пука со „калашников“. Настанот се случи на 28 октомври, кој во Грција се одбележува како национален празник. На овој ден Грција во 1940 година го одби ултиматумот на фашистичка Италија и влезе во војна со неа.
Инцидентот во Буларат доаѓа во време кога се прават сериозни напори за нормализирање на грчко-албанските односи, речиси по еден век постоење на „воена состојба“. Додека грчкото министерство за надворешни работи соопштува дека губитокот на еден живот е неприфатлив за какви било околности, албанското министерство изразува разочарување од Атина затоа што не го осудила оружениот напад врз албанската полиција.
Убиството на младиот Грк доаѓа набргу откако се направени првите чекори кон решавање на спорот меѓу двете земји, кој трае од 1940 година, кога во Грција е усвоен Законот за војна, врз чија основа беше „прогласена“ воена состојба меѓу Грција и Албанија, која траеше за време на Студената војна.
Дописникот на грчката телевизија ЕРТ од Белград, Никос Пелпас, е оптимист во поглед на решавањето на спорот на двете земји. Тој верува дека ќе продолжат нормализацијата на односите и укинувањето на воената состојба, која почна на 12 октомври, со ексхумацијата на загинатите грчки војници од Втората светска војна. Иако навивачките групи од Албанија и од Грција ги истакнуваат шовинистичките пароли, на политичката сцена, сѐ ќе заврши со искажување на јавните реакции на двете министерства за надворешни работи.
Покрај прашањето за укинувањето на воената состојба, Грција и Албанија ги загрижуваат уште два проблема. Албанија постојано го актуализира прашањето за правата на Чамите, албанската малцинска група што по Втората светска војна е протерана од Грција поради соработка со окупаторот. Од друга страна, Грција постојано нагласува дека нејзиното национално малцинство во Албанија не ги ужива сите човекови права.
– Што се однесува до Чамите, состојбата е јасна, и албанската страна го пренагласува ова прашање. Тие од Грција се протерани како соработници на окупаторот и ја делат судбината на судетските или банатските Германци – вели Пелпас.
Бројот на оние што останале во Грција не е толку голем за да може Албанија да го искористи како аргумент во преговорите со Грција. Се проценува дека во Грација живеат околу 10.000 Чами. Со оглед дека албанскиот врховен суд ја поништи спогодбата за поморската граница со Грција, која во 2009 година ја потпишаа тогашниот премиер Костас Караманлис и Сали Бериша, решавањето на ова прашање зависи првенствено од албанската страна.
Сегашната албанска власт и тогашната опозиција беа против оваа спогодба. Меѓутоа овие преговори се повторно во тек, а во спорот за границите на морето се вклучија и други држави. Турција вложува напори за да ја спречи Албанија да го потпише договорот. Пелпас заклучува дека, сепак, според информациите на грчкото министерство за надворешни работи, текстот на спогодбата е веќе договорен и прашање на недели е кога ќе биде потпишан.