Поранешниот обвинител за воени злосторства Владимир Вукчевиќ нагласува дека заштитата на сведоците е главна пречка за судењата во Косово што се поврзани со злосторствата на ОВК
Од 2001 до 2019 година се регистрирани 13 убиства на лица што се водат како заштитени сведоци во случаи за сторени воени злосторства за кои се сомничат поранешни припадници на ОВК. Најновата жртва меѓу заштитените сведоци или сведоци-соработници е шумарскиот инспектор Назми Рустеми (63), чие тело е пронајдено пред еден месец кај езерото Бадовац, во близината на Приштина, пишува српскиот весник „Блиц“.
Како што пренесоа приштинските медиуми, Рустеми беше заштитен сведок на Специјалното обвинителство при Специјалниот суд за процесирање на злосторствата од припадниците на ОВК. По пронаоѓањето на телото, се претпоставуваше дека неговата смрт е поврзана со професијата што ја извршуваше долги години, но неговата сопруга Ељмазе Рустеми тврди дека тој е убиен поради статусот на заштитен сведок.
– Рече дека има покана од Еулекс и замина, кога се врати рече дека тоа е добра работа и ништо повеќе – изјави сопругата на Назми Рустеми.
Таа е една од ретките лица во Косово што се охрабрија јавно да кажат дека нејзиниот сопруг, со кого е долги години во брак, е убиен затоа што требало да сведочи за злосторствата на ОВК, чии припадници го грабнаа пред повеќе од 20 години. Членовите на семејството истакнуваат дека во текот на воените дејства на Косово тој бил заложник на ОВК. Пред да биде пронајден мртов (на 18 декември 2019 година), Назми дал исказ во обвинителството и добил статус на заштитен сведок.
Поранешниот обвинител за воени злосторства Владимир Вукчевиќ нагласува дека заштитата на сведоците е главна пречка за судењата што се поврзани со злосторствата на ОВК.
– Припадниците на ОВК знаат дека нема материјални докази за нивните злосторства и единствено се останати сведоците како доказно средство. Затоа ги ликвидираат според мафијашки принцип. Прво ги опоменуваат, па го заплашуваат семејството, се закануваат, понекогаш подмитуваат и на крајот ликвидираат. Така се убиени повеќе од 20 лица и тоа беше забележано од Дик Марти во неговата резолуција – вели Вукчевиќ, за „Блиц“.
Најверојатно од ОВК имаат информации за заштитените сведоци и сведоците соработници, а поради тоа на Специјалното обвинителство во Брисел му е јасно дека меѓународните и локалните органи несовесно ја извршуваат својата работа.
– Од друга страна, ОВК имаше своја служба, која знаеше каде и кој може да сведочи за нејзините злосторства. Еден од првите албански сведоци за злосторствата на ОВК, кој успеавме да го пренесеме на наша страна, ни откри како на Косово функционира цел систем на ликвидација на сведоците – се потсетува Вукчевиќ.
Претседателот на управниот одбор на Форумот за етнички односи Душан Јањиќ вели дека убиството на Рустеми е доказ дека злосторствата на ОВК продолжуваат.
– И понатаму насилството таму е поврзано со политичките кариери и затоа не нѐ изненадуваат ваквите убиства. Во ист амбиент е убиен и Оливер Ивановиќ. На Косово и натаму се смета дека е чест да се скрие убиецот. Косово не поминува низ процес на пацификација, ниту демократизација и не може да стане нормално општество што подразбира соработка и толеранција. Продолжувањето на убиствата на заштитените сведоци укажува дека Косово и натаму нема владеење на правото и демократизација на општеството.
Тоа само ги покажува неспособноста и неодговорноста на меѓународните и на локалните правосудни органи. Кога ќе се погледнат обвинителите на Косово, тоа се луѓе од Хаг и ним не им е важно за истрагите колку што им е желбата да останат на тие места. Многумина од нив се подложни на корупција. За жал, нема гаранција дека нема да се случи ново убиство на сведок. Погледнете колку имаше запалени автомобили на Косово како знак за заплашување – вели Јањиќ.
Заштитата на сведоците е клучен проблем за новиот суд, кој по извештајот на поранешниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, е формиран за да се процесираат злосторствата од припадниците на ОВК. Со истиот проблем се соочи и Судот во Хаг. Главниот обвинител на Хашкиот трибунал, Серж Брамерц, како и неговата претходничка Карла дел Понте, во повеќе наврати се жалеа пред Советот за безбедност на ОН на неспособноста на меѓународните мисии сериозно да ги заштитат сведоците за злосторствата што се направени од команданти на ОВК.