Во стан во северниот дел на Атина рано утрово е уапсен пратеникот Константинос Барбарусис, по кој полицијата трагаше од петокот, откако успеа да им побегне на полициајците со службениот автомобил движејќи се со брзина од 180 километри на час.
Од автомобилот што го пренесуваше од централната зграда на полицијата кон Судот во Атина, Барбарусис кон новинарите извика: „Македонија е грчка“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, и покрај тоа што во изминатите денови потрагата на полицијата беше насочена кон градот од каде што потекнува, Барбарусис беше уапсен од секторот за борба со тероризам во грчкиот главен град, веројатно во стан на негова пријателка.
Грчкото обвинителството, по поднесената тужба од министерот за одбрана Панос Каменос и алтернативниот министер за одбрана, Фотис Кувелис, покрена обвинение против Барбарусис за велепредавство, врз основа на кое и беше уапсен.
Пратеникот, кој повеќе не е член на Златна Зора, во петокот говорејќи од парламентот ја повика војската да ги уапси грчкиот премиер Алексис Ципрас, министерот Каменос и претседателот Прокопис Павлопулос, по што неговата партија беше исклучина од расправата.
И покрај тоа што членовите на пратеничката група на Златна зора, со аплауз го поздравија говорот на Барбарусис, веројатно за да избегнат дополнителни прекршувања на законите (во Грција се уште трае процесот против Златна зора), кусо подоцна тој беше исклучен од партијата.
Барбарусис, освен што се гони кривично за велепредавство по изјавата од собраниската говорница, се товари и за обид да им побегне на властите, на опасен начин и со ризик да предизвика сообраќајна несреќа.
Како што во саботата објави МИА, пратеникот, за да не биде уапсен, на автопат во Грција, не застанал на полицискиот знак и со брзина од околу 180 километри на час, им избегал на полицајците кои што го бркале. Грчките медиуми коментираа дека во петокот вечерта се одвивала филмска брканица во лоши временски услови.